Вести Македонија

Педа по педа, се чисти Линданот кој со децении тлее во „ОХИС“ – пронајдена и жива во кругот на фабриката

Распаднатите згради и поранешни погони во „ОХИС“ од високо ги надгледуваат двете депонии со линдан во кругот на фабриката.

Помалата, веќе се чисти од отровите. Педа по педа, веќе 450 тони од ова хемиско органско соединение се складирани во буриња.

Линданот не постои во природата и се добива само по индустриски пат, а материјата во бурињата ќе биде исчистена со посебна технологија, во странство.

„Се предвидува бурињата овие денови да се пакуваат во седум контејнери и на трети мај да започне првиот извоз. Целата оваа количина не може одеднаш да биде транспортирана затоа што самата постројка којашто го третира овој отпад, односно акцелераторот во Франција, има ограничувачки количини коишто може да ги прими на месечно ниво“ изјави Александар Мицковски, проектен менаџер во Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи во Министерството за животна средина и просторно планирање.

Малата депонија со линдан е покриена со шатор и во него е инсталиран негативен притисок.

Тоа значи дека атмосферскиот притисок надвор е поголем и сите токсични емисии коишто се испуштаат при отстранувањето на Линданот, не можат да излезат надвор и да влијаат на животната средина и најблиските населени места во околината – како Кисела Вода, Драчево и останатите.

Она што било изненадување за екипите коишто работат на депонијата е живата која е лоцирана на неколку места.

Концентрациите на овој хемиски елемент односно течен метал се различни.

 

„Резултатите покажаа дека во тие неколку точки има присуство на жива. Количините односно концентрациите се различни, меѓутоа, ние водиме сметка тоа што е пронајдено како концентрација да е во согласност со критериумите и барањата на капацитетите коишто ќе го примат отпадот на уништување или третирање“ изјави Сузана Андонова, Национален координатор во Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи во МЖСПП.

Во малата депонија во „ОХИС“, според податоците со коишто располага Министерството за животна средина , има вкупно 6660 тони отпад од кои 1.600 тони се Линдан, 4.000 тони контаминирана земја и 1.000 тони контаминиран бетон којшто ќе биде ископан откако ќе се заврши со чистењето.

Како што напредуваат работите со чистењето, така и овие бројки се менуваат.

Но, сè што е штетна материја ќе заврши во ваквите буриња.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пукање во центарот на Штип- еден повреден, напаѓачот во бегство

Дејан Дејан

Политички актер кои прифатил сервилност во Владата вака Села ги коментира изјавите на Таравари

Дејан Дејан

Американецот Роберт Превост е новиот папа со името Лaв XIV

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе