Овој простор е депонија среде центарот на градот, рече вчера градоначалникот на Центар. Денес, како и претходните пет дена портите се затворени и ограничен е пристапот до просторот внатре во кругот на „Треска“.
Мирис на изгорено веќе нема, но во воздухот сè уште лебдат прашањата што се случи во четвртокот попладнето и со која цел.
Истражните органи веќе неколку дена прават сè што е потребно за да дојдат до одговорите.
Во одговор за Телма од Јавното обвинителство велат дека трагите се подигнати и во моментов се утврдува дали пожарот во „Треска“ бил подметнат.
Ако се утврди дека тоа е така, тогаш од МВР ќе преземат дејствија за откривање на сторителите.
Министерството за внатрешни работи не открива повеќе детали.
На прашање дали е утврдено дека некој го подметнал пожарот и дали се трага по сторителите, од МВР само кусо велат дека веќе добиле насоки Јавното обвинителство.
„За наведениот случај, Секторот за внатрешни работи Скопје презема мерки и активности во координација и по насоки на ОЈО – Скопје, а по завршување на активностите и комплетирање на документацијата, Секторот за внатрешни работи – Скопје до Основното јавно обвинителство ќе достави соодветен поднесок“ велат од Министерството за внатрешни работи.
Синоќа, градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски го собра целиот општински Кризен штаб.
Со другите релевантни институции заедно заклучија дека ќе им се наложи на сопствениците на објектите самите да го отстранат шутот и да ги исчистат своите објекти од лесно запалливи материи.
Ако тие тоа не го направат, Комунална хигиена ќе ги преземе работите во свои раце, но на трошок на газдите.
Телма побара одговори колку објекти има во рамки на земјиштето каде што се протега поранешната фабрика за мебел.
„Во рамки на просторот кај поранешна фабрика Треска се наоѓаат две поголеми хали. Останатите објекти се помали и станува збор за работилници, магацини, гаражи и слични помошни објекти. Општина Центар поседува еден објект, со површина од околу 300 м2“ велат од Одделението за урбанистичко планирање во Општина Центар.
Како објектите биле одржувани досега, од Центар велат дека само сопствениците можат да ги дадат одговорите иако Кризниот штаб го констатира тоа што ѝ е јасно на целата јавност, дека состојбата во „Треска“ е страшна и дека просторот е една голема депонија и потенцијална еколошка бомба.
Просторот е огромен, а локацијата одамна е од особен интерес за големите градежници.
Петар Догов