Вести Свет

Макрон не го поддржа обвинението на Бајден за руски геноцид во Украина  – Штајнмајер не е добредојден во Киев

Изјавата на американскиот претседател, Џо Бајден, дека Русија извршила геноцид во Украина, предизвика денеска најразлични реакции. Додека за украинскиот претседател, Володимир Зеленски, ова се вистински зборови на вистински лидер, официјална Москва најостро ги отфрли обвинувањата на Бајден.

Силно се спротиставуваме на нив. Ги сметаме обидите за изместување на вистината на овој начин за неприфатливи, уште повеќе, како што веќе рековме, уште повеќе ова е апсолутно неприфатливо од Претседател на САД, земјата која сите многу добро знаеме што има направено во современата и скорешната историја, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.

Францускиот Претседател Емануел Макрон, кој е во кампања пред вториот круг од изборите во својата држава на која ќе бара нов петгодишен мандат, одби да го повтори обвинувањето, подвлекувајќи дека лидерите треба да бидат внимателни каков јазик ќе користат. Иако за Макрон не е спорно дека Руските сили извршиле воени злосторства во Украина, тој оцени дека вербалната ексалација нема да помогне во прекинот на насилствата и враќањето на мирот.

Во гест на поддршка на Зеленски и Украина, Киев денеска ќе го посетат и претседателите на четири држави, членки на НАТО, Полска, Литванија, Летонија и Естонија.

Според најавите, целта на посетата е да се најде најдобриот начин за помош на Украинските цивили, но и војската.

Еден ден претходно, претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмајер беше принуден да се откаже од планот да им се приклучи на четворицата лидери, откако Украина јасно стави до знаење дека тој не е добредојден, по критиките дека бил премногу близок со Русија, додека бил шеф на Германската дипломатија.

Руската инвазија на Украина го менува и дискурсот во досега воено неутралните Финска и Шведска во однос на нивното придружување на НАТО. Во Финскиот парламент денеска ќе биде доставен и безбедносниот извештај изработен на барање на владата во Хелсинки како прв чекор во дебатата за можното приклучување кон Северноатлантската алијанса.

Според финската премиерка, Сана Марин, за оваа одлука нема да бидат потребни долги месеци расправа.

Потребен ни е консензус. Ни треба поглед кон иднината и го користиме ова време да анализираме и изградиме заеднички погледи на иднината во однос на безбедноста. Нема да дадам никаква временска рамка за тоа кога ќе донесеме одлука, но мислам дека тоа ќе се случи бргу, за неколку недели а не месеци, изјави марин.

Руската армија соопшти и  дека најмалку 1026 Украински војници од Мариупол им се предале на руските сили кои повеќе од месец и половина го држат под опсада, пристаништето на Азовското море, чие освојување се смета за клучно за натамошниот тек на воените операции во регионот Донбас.

Во Мариупол е седиштето на ткн батаљон Азов, во чиј состав се интегрирани и припадниците на украинските ултра националисти, или во речникот на руската пропаганда, нацисти, чиј пораз беше и една од наводните главни цел на инвазијата на Украина.

Сега очигледно, само прашање на време е кога руските сили ќе ја преземат контролата во речиси целосно уништениот град  Мариупол.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европратениците утре ќе гласаат за извештајот за Македонија

Дејан Дејан

Ангелов: Имаме доброволци, имаме професионалци од ТППЕ, цврсто сум решен да направам и специјалци пожарникари

Дејан Дејан

Ангелов: Зад сите пожари, би рекол, стои човечки фактор, лани имавме неколку пожари од грмотевици и од допир на жици

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе