Полицијата во Њујорк потврди дека истражува инцидент во близина на станицата на подземната железница во Бруклин во која се повредени најмалку 13 лица. Од нив 5 најмалку биле застрелани со огнено оружје, додека нема информации на кон начин биле повредени останатите 8 луѓе.
Според портпаролот на противпожарната служба во Њујорк, нивните припадници реагирале по повикот за помош кој пристигнал во 8 и 30 наутро , бидејќи од станицата на метрото излегувал чад.
Откако пристигнале на местото на настанот, пожарникарите нашле жртви ранети со истрели од огнено оружје и неексплодирани средства.
Останува нејасно какви точно средства биле пронајдени а пристигнале и специјално обучени безбедносни сили кои треба да извршат проценка за евентуална опасност по животот на луѓето.
На социјалните мрежи се појавија и првите фотографии направени по инцидентот во подземната железница, на кои се гледаат дел од ранетите луѓе.
Повикувајќи се на неидентификуван извор од полицијата, Њујорк Тајмс информираше дека полицијата трага по маж кој носел гас маска и портокалова јакна која типично ја носат градежните работници.
Од кабинетот на градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, испратија апел до жителите на градот заради своја безбедност да не се доближуваат до местото каде е регистриран инцидентот. Медиумите јавуваат дека крај станицата на подземната железница се уште им се помага на дел од повредените во престрелката.