Вести Најважни Свет

Украина со едноставно барање до НАТО: Оружје, оружје и оружје

Шефот на украинската дипломатија ќе учествува денеска на вториот ден од самитот на министрите за надворешни работи на членките на НАТО, со, како што вели, многу едноставно барање до нив.

Мојата агенда е многу едноставна, има само три точки на неа. Тоа се оружје, оружје и оружје. Колку повеќе оружје добиеме и колку поскоро тоа пристигне во Украина, повеќе човечки животи ќе спасиме, повеќе градови и села нема да бидат уништени и нема да има повеќе случаи како во Буча. Ова е мојата порака до сојузници, едноставна е. Ќе апелирам до нив да ги остават настрана своите колебања, одбивањето да и обезбедат на Украина се што ни е потребно. Колку и да звучи чудно, денеска оружјето служи за целта на мирот“, изјави Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.

Првиот човек на северно-атлантската алијанса, Јенс Столтенберг, оцени дека НАТО има одговорност да обезбеди поддршка за Украина, но и да направи се што може војната да не излезе надвор од границите на оваа земја и да стане уште поопасна и посмртносна.

Шефот на европската дипломатија, Хосеп Борел најави дека наредните денови со претседателот на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен, ќе заминат во Киев каде ќе се сретнат со претседателот на Украина, Володимир Зеленски и министрите за надворешни работи и одбрана.

„Така, подобро ќе се запознаеме со тоа што се случува таму и значајна работа е да се продолжи со притисокот врз Русија и да продолжиме со поддршката на Украина. Зеленски има многу поддршка , но тоа што навистина му треба е повеќе оружје. Помалку аплауз и повеќе оружје“, рече Јосеп Борел, шеф на надворешната политика на ЕУ.

Една од најострите осуди на официјална Москва доаѓа од Велика Британија, како земја која е најмалку зависна од руските енергенси. Шефот на британската надворешна политика, Лиз Трас, чија држава по Брегзитот, веќе и не е дел од Европската Унија, храбро порача дека времето на разговор со Русија за безбедноста во Европа  завршило.

„Обединетото Кралство ќе го забрани целиот увоз на Руските енергенси, санкционираме повеќе банки и го зголемуваме снабдувањето на Украина со оружје“, изјави Лиз Трас, секретар за надворешни работи на Обединетото Кралство.

Пентагон потврди и дека Русија целосно ги повлекла своите воени сили околу Киев и Чернихив, како дел од подготовките за следната фаза  од инвазијата на Украина.

Украинската одбрана , но и претседателот Зеленски упатија апел до населението во источниот дел од земјата, да ги евакуираат своите домови во регионот Донбас додека се уште е безбедно и можат тоа да го направат низ неколку безбедносни коридори. Покрај доставата на оружје и воена помош за Украина, Западот се обидува да ја запре руската инвазија и со санкциите, кои од синоќа ги опфаќаат и ќерките на Путин, Катерина Тихонова и Марија Воронтцова.

Зеленски не е импресиониран од најновиот сет санкции.

„Овој пакет личи импресивно. Но, не е доволно. Не може да се каже дека е соодветен со злото кое светот го виде во Буча, со злото кое продолжува во Мариупол, со бомбардирањето на Харков, со обидите на Русија да започне нова голема и крвава офанзива во Донбас“, изјави украинскиот претседател Зеленски.

Соединетите држави и Велика Британија ги замрзнаа и средствата на Сбербанк, најголемата банка во Русија.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рашче под притисок, дивите приклучоци го уништуваат капацитетот

Дејан Дејан

Разговори за можно примирје во Појасот Газа во Белата куќа- Нетанјаху на вечера кај Трамп

Дејан Дејан

Продолжуваат спасувачките напори во Тексас – над 100 загинати

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе