Рускиот претседател Владимир Путин е доведен во заблуда од советниците за војната бидејќи премногу се плашат да му кажат за реалната ситуација на теренот, тврди Белата куќа.
Во меѓувреме, британското разузнавање соопшти дека руските трупи во Украина се деморализирани, немаат опрема и одбиваат да извршуваат наредби.
Путин исто така не зборува за целосното влијание на санкциите врз руската економија, соопшти Белата куќа.
Кремљ се уште не ги коментира тие оценки.
Портпаролката на Белата куќа, Кејт Бедингфилд, рече дека САД имаат информации дека Путин „се чувствувал во заблуда од руската војска“ и дека тоа резултирало со „трајни тензии меѓу Путин и неговото воено раководство“.
„Војната на Путин беше стратешка грешка што ја направи Русија послаба и поизолирана на светската сцена на долг рок“, рече таа.
Портпаролот на Пентагон Џон Кирби ги нарече оценките „непријатни“.
„Не знаете како таков лидер ќе реагира на лоши вести“, рече тој.
Шефот на британската разузнавачка служба Џереми Флеминг изјави дека најновите информации покажуваат дека некои руски војници во Украина одбиле да ја извршат наредбата, а меѓу другото, случајно собориле руски авион.
Флеминг вели дека рускиот претседател Владимир Путин многу погрешно ги проценил можностите на некогаш моќните вооружени сили на Русија, истовремено потценувајќи ја подготвеноста на украинскиот народ да се спротивстави, како и решеноста на Западот да ја казни Москва со координирани санкции.
„Путин многу погрешно ја процени ситуацијата. Веруваме дека советниците се плашат да му ја кажат вистината“, рече Флеминг во говорот во Канбера на Австралискиот национален универзитет.
Цитирајќи нови разузнавачки информации, Флеминг рече дека има докази за низок морал и лоша опрема на руските војници.
„Видовме руски војници, без оружје и морал, како одбиваат да извршуваат наредби, ја саботираат сопствената опрема, па дури и случајно соборуваат сопствен авион“, рече Флеминг.
Кога станува збор за санкциите на Западот и тврдењата на Русија дека ќе се сврти кон исток и ќе изгради партнерство со Кина, Флеминг оцени дека постојат ризици од премногу близок сојуз и за двете, а повеќе за Кина.
„Русија разбира дека Кина ќе стане посилна воено и економски на долг рок. Некои од нивните интереси се во конфликт, Русија може да биде исфрлена од равенката“, рече Флеминг.
„Претседателот Си Џинпинг сака да ја искористи економската слабост на Русија за да го зајакне глобалното влијание на Пекинг. Путин ќе биде измамен, Кина ќе ја искористи кризата за да купи евтина нафта и евтин гас“, рече Флеминг.