Коалицијата предводена од Саудиска Арабија која се бори против Хутите во Саудиска Арабија објави дека денеска ќе ги запре воените операции, откако ОН повикаа на прекин на огнот за време на светиот муслимански месец Рамазан.
ОН работеа со воената алијанса и проиранските Хути кои се во војна од 2015 година за да постигнат мировен договор и договор за ублажување на хуманитарната криза во таа сиромашна земја.
Прекинот на огнот е најзначајниот чекор во мировните напори во последните три години, бидејќи меѓународната заедница се обидува да стави крај на седумгодишниот конфликт во кој загинаа десетици илјади и остави милиони на работ на глад.
„Командата на здружените сили објави дека ќе ги прекине воените операции во Јемен од 6 часот наутро во среда“, саудиската новинска агенција СПА го цитираше портпаролот на коалицијата, бригадниот генерал Турки ал-Малки.
Одлуката е донесена во услови на меѓународни напори да се стави крај на јеменската криза и да се постигне сеопфатно политичко решение, додава агенцијата.
Во својот предлог, ОН повикува на прекин на огнот за време на Рамазан во замена за дозволување на бродовите да влезат во пристаништето Ходеида што го држат Хутите и мал број комерцијални авиони да го користат аеродромот во Саана, велат изворите. Рамазан започнува овој викенд.
Аеродромот Саана е затворен од 2015 година, кога коалицијата интервенираше откако Хутите ја соборија владата на Абд-Рабу Мансур Хади во 2014 година.
Коалицијата го контролира јеменското море и воздушен простор.