Русија ги намали очекувањата од некаков значаен прогрес во мировните преговори со Украина, кои се водеа и денеска во Истанбул.
Дмитри Песков, портпарол на рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека е добро дека конечно украинската страна своите предлози ги ставила во пишана форма.
Ова е позитивен фактор. Што се однесува до останато, досега, така да кажам, не можеме да издвоиме нешто ветувачко, некаков напредок, се уште има многу, многу работа која треба да се заврши, изјави Песков.
Русија инсистира Украина да ја прифати анексијата на Крим, односно како што Песков вели, полуостровот кој Русија го анексираше 2014-та година, е составен дел од руската федерација и за него не може да се водат преговори.
Официјална Москва ја призна и независноста на ткн народни републики во Доњецк и Луганск, во Источна Украина и денеска повторно испрати порака дека позицијата кон овие сецесионистички територии не ја променила.
Она што за руската страна е позитивно е подготвеноста на властите во Киев да се откажат од членството во НАТО, во замена за безбедносни гаранции, иако во овој миг аспирацијата да се биде дел од Северноатлантската алијанса е запишана и во уставот на Украина. Официјална Москва нема ништо против Украинското членство во Европската унија.
Украина се откажува од приклучување кон воени сојузи, распоредување воени бази и контингенти или одржување воени вежби на територијата на Украина без договор со државите гаранти – вклучувајќи ја и Руската Федерација. Од своја страна, Руската Федерација не се противи на подготвеноста на Украина да приклучи се на Европската унија, изјави шефот на руската делегација Владимир Медински.
Според украинската страна, секој потенцијален договор со Русија ќе мора да биде потврден на референдум, но тој би можел да се одржи дури по повлекувањето на руските сили. Украинците исто така бараат статусот на Крим да се разгледува на преговарачката маса.
На фронтот, украинските власти тврдат дека се уште не гледаат знаци дека Русија навистина драстично ќе ги намали своите операции околу Киев и Чернихив. Гувернерот на регионот Чернихив тврди дека во текот на минатата ноќ биле извршени повеќе бомбардирања. Воените аналитичари оценуваат дека очигледен е обидот на руската армија да воспостави целосна контрола во регионот Донбас, во Доњецк и Луганск, каде во минатите 24 часа биле регистрирани најмалку 35 артилерски напади на повеќе населени места кои се уште се под контрола на Украинците.
Главната цел на руската окупациона армија е да го обиколи Украинските сили во источниот дел од државата, тврди власта во Киев. Не запираат ниту обидите да се преземе контролата во Украинскиот Алепо, градот на азовското море, кој е речиси целосно уништен во текот на руската инвазија. Русија тврди и дека досега примила најмалку 16.000 апликации на доброволци од Блискиот исток, најголем дел од нив од Сирија, каде официјална Москва го овозможи останувањето на власт на претседателот Асад. Според информациите, на сириските војници спремни да се борат за Путин во Украина им се нудат до 6.000 евра месечно.
Руската инвазија на Украина, покрај огромното уништување, човечките жртви, ја предизвика и најголемата хуманитарна криза во Европа по втората светска војна. 4 милиони Украинци досега ја напуштиле државата, најголем дел од нив во Полска, додека внатрешно раселени се 10 милиони луѓе, ¼-тина од вкупното населени.
Никола Илиевски