Вести Свет

Украина ги претстави плановите да стане неутрална држава во замена за безбедносни гаранции

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека ќе ја процени понудата на Русија за повлекување на силите од Киев и Чернигов, но според состојбата на терен. Иако има „позитивни сигнали“, ситуацијата не е подобрена, рече тој.

Сирените за воздушен напад се огласија во Киев и рано утринава, неколку часа откако Русија соопшти дека ќе повлече дел од војниците од околината на главниот град. Гардијан, повикувајќи се на извори од Генералштабот на украинската војска, пишува дека повлекувањето на Русија од северот на Украина е само ротација на војници со цел измама. Американскиот претседател Џо Бајден рече „ајде да видиме“ што ќе се случи на теренот, додека Велика Британија вели дека се потребни дела, а не зборови.

Шефот на руската делегација за разговори со Украина обелодени што содржат пишаните предлози на украинската страна за да се обезбеди мир после преговорите на две земље. Откако ќе бидат разгледани, Москва се очекува да ги претстави своите контрапредлози. Медински рече дека Украина би требало да се прогласува себеси за неутрална држава според гаранциите на меѓународното право со цел да се имплементира статус на држава без нуклеарно оружје, надвор од НАТО. На листата држави- гаранти кои ќе ја осигураат безбедноста на Украина се САД, Велика Британија, Турција, Франција и Германија. Овие безбедносни гаранции не важат за териториите на Крим и Севастопол. Медински истакна дека Русија не се противи на тоа Украина да стане членка на ЕУ.

-Украина се откажува од аспирациите да ги врати Крим и Севастопол преку воени средства, тоа е можно само во рамките на дипломатските преговори. Се разбира, тоа не одговара на нашиот став, но Украина го формулираше својот пристап. Безбедносните гаранции не се применуваат во украинските региони Доњецк и Луганск, изјави Владимир Медински, шеф на руската делегација за разговори со Украина .

Украина ќе потпише безбедносни гаранции само по повлекување на руските трупи на позициите од 23 февруари годинава, рече постојаниот претставник на Украина во Советот за безбедност на ОН, Сергеј Кислица, но прекинот на огнот и деескалацијата во Украина нема да се случат наскоро. Преговорите меѓу делегациите на Москва и Киев за ситуацијата во Украина продолжија вчера во Истанбул. Кислица информираше за руските загуби на терен и рече дека е ова невиден удар за Москва.

-Од почетокот на инвазијата, руските окупатори изгубија повеќе од 17.000 воен персонал, повеќе од 700 оклопни возила, речиси 600 тенкови, над 300 артилериски системи, 127 авиони и 129 хеликоптери, речиси 100 ракетни фрлачи, системи, 54 одбранбени системи и седум бродови. Тоа е невиден удар за Москва, бројот на советските загуби во Авганистан е само бледа споредба, рече Сергиј Кислица, амбасадор на Украина во ОН .

Повеќе од 10 милиони Украинци ги напуштија своите домови од почетокот на војната, од нив, 6,5 милиони луѓе се раселени во Украина, а 3,9 милиони избегале во соседните земји, најголем број најдоа засолниште во Полска. Најтешка е состојбата во опколениот пристанипниот град Мариупол. На сателитските снимки се гледаат долги редици луѓе кои пред една продавница чекаат за храна и лекови. Згради, домови и станбени блокови се срамнети со земја, нема пристап за хуманитарните организации, според чии проценки 18 милиони луѓе во Украина ќе имаат потреба од хуманитарна помош.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прво закон за Судски, па кандидат од Вила водно

Дејан Дејан

Мицкоски и Сиљановска со критики за случувањата во ЕП

Дејан Дејан

Десничарска група поврзана со Ле Пен под истрага на Европското јавно обвинителство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе