Кога е криза, доларот и цените на златото растат бидејќи се сметаат за стабилни фактори, вака за Телма еден од македонските берзански аналитичари го објасни големиот раст на американската валута во однос на еврото.
Во кризни времиња и со актуелната монетарна политика на американските федерални резерви познати како ФЕД, доларот кај инвеститорите се гледа како стабилно средство за вложување. Последната вест е дека еврото падна повторно под психолошката граница од 1,1 долар и сега речиси цел месец март, односот на двете водечки валути е во таа неповолна зона за европската.
Бидејќи денарот е врзан со вредноста на еврото, падот се случува и со македонската валута. Падот изнесува повеќе од 3 проценти (-3,109%) кога ќе се спореди првиот ден од руската инвазија врз Украина и денешниот ден.
Ако на 24-ти февруари, еден долар чинеше 54,38 денари според средниот курс на Народната банка, денеска истиот курс е повисок за речиси 1,7 денари односно еден долар чини над 56 денари.
Среден курс на Народна банка
24.02. 1 Долар = 54.3854 Денари
27.03. 1 Долар = 56.0762 Денари
Доларот пораснал за 1.6908 денари за еден месец
Покрај сигурноста која во доларот ја гледаат инвеститорите на светските берзи, постојат уште две причини,а првата е што американската економија побрзо заздравува после пандемијата и има помали негативни ефекти од војната во Украина.
Но вториот позначаен фактор е што на растечката инфлација во светски рамки, Америка реагира и многу побрзо и многу поефикасно, велат соговорниците на Телма.
Федералните резерви на САД веќе ја покачија референтната каматна стапка за 0,25 %, а прогнозата е дека во мај ќе има уште двојно покачување на таа каматна стапка (за 0,50%). Американскиот ФЕД за оваа година веќе има испланирано 7 покачувања на стапката за да ги заузда ефектите од инфлацијата, а на тој начин покажува стабилно планирање.
Реакцијата на инвеститорите и берзите го следи тој пат, и доларот расте во однос на еврото додека монетарната европска унија засега не реагира.
Доларот е валута која се користи во меѓународната трговија, особено во трговијата со нафта и енергенси каде сега исто така се одвива голема криза. Ако сакате да купувате нафта или гас треба да купувате долари со кои ќе ги платите тие производи.
Поради тоа например, во Македонија покрај цената на нафтата на светските берзи, при определување на малопродажната цена на нафтените дериватите голема улога има и вредноста на доларот. На тој начин разликата во курсот влијае и врз цените на производите кои се базираат на употреба на нафта при производство.
Македонскиот денар е цврсто поврзан со вредноста на еврото и на таа листа не се менува речиси ништо,но на друга страна врската на денарот со еврото предизвикува пад во однос на американската валута. Доларот во менувачниците сега се продава за 56 и пол денари, а се купува за еден денар помалку.
Миомир Серафиновиќ