„Курти нема да не избрка од Косовска Митровица“. „Нашите огништа и деца ги чуваме со мир“. „Само ги сакаме нашите човекови права“. „Европо, запри го изживувањето на Курти“. Со овие и слични пароли, Србите од Косовска Митровица, денеска со мирна прошетка низ градот го изразија своето негодување за одлуката, да им се забрани да гласаат на српските избори на 3 април.
Во знак на солидарност, пак, со претседателката на Основниот суд во Северна Митровица, Лилјана Стевановиќ, која беше суспендирана затоа што присуствувала на седница на Советот за национална безбедност во Белград, вработените во судовите утрово не отишле на работа.Иста одлука донеле и српските политички претставници во косовските институции, кои ги замрзнале своите функции, иако Вучиќ барал од нив да не го прават тоа. На Курти му порачаа дека не ги исплашиле колоните оклопни возила на специјалната полиција Росу, кои утрово беа забележани како се движат во правец на северно Косово.
Суспендирањето на Стевановиќ предизвика остри реакции и од Белград. И Вучиќ го обвини Курти дека го прекршил Бриселскиот договор, а српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, пак, изјави дека ова е „прв чекор кон влегувањето на Србија во вооружен конфликт во Косово”.
Одговарајќи на обвинувањата, косовскиот премиер синоќа изјави дека нема надлежности врз судската власт. Но, и полицискиот инспекторат на Косово најави дека ќе се разгледува учеството на сите српски командири и полицајци кои биле на седницата во Белград минатиот вторник.ВО меѓувреме, ЕУ ги повика двете страни, да се воздржат од реторика и акции кои можат да ги зголемат тензиите.
Далиборка Дамјанска Цветановска