Вести Економија Најважни

Збунети купувачи, жолти ленти на маркетите – инспекторите на УЈП влегоа во КАМ

Збунети купувачи со прашални погледи наспроти заклучени врати. Ова е сликата пред КАМ-маркетите во Скопје. Некаде залепена жолта лента од Управата за јавни приходи, а некаде само ваков обичен лист со кратка информација – „попис“.

Се пребројуваат артиклите, се прегледуваат документите. Вработените во маркетите денес заедно со инспектори на УЈП, наместо со потрошувачите го поминуваат работниот ден.

Информацијата за инспекции во КАМ е официјална и уште вчера ја објави директорката на УЈП, Сања Лукаревска. Информираше за 84 објекти во подружниците на овој трговски субјект кои се „под лупа“ и тоа во целата држава. За акцијата кусо сподели дека ја спроведуваат повеќе од 300 инспектори, контролори и други овластени лица.

Жолтите ленти и пломбите на објектите биле поставени уште вчера, заради прекин на пописот во доцните вечерни часови, а за да не настанат евентуални измени во фактичката состојба на залихите во продавниците и магацините.

Утрово инспекторите повторно влегле во објектите за да се продолжи со пописот кој планирано е да заврши денес. Нема информации за евентуални казни.

„Напоменуваме дека не станува збор за извршување на прекршочни санкции и запечатување на објектите согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања. За исходот од извршените контроли не можеме да ве информираме од причина што согласно Законот за даночна постапка, службените лица на УЈП се должни како даночна тајна да ги чуваат сите документи, информации, податоци и други факти за даночниот обврзник до кои дошле во даночната, прекршочната или судската постапка.“

Дека станува збор за обична редовна контрола, потврдуваат и од менаџментот на КАМ. Маркетите се затворени за да нема пречки во работата на инспекторите велат тие, но порачаа дека оние коишто планираат да испазарат таму, најверојатно ќе можат уште денес тоа да го направат.

„Се работи за редовна контрола. Оние објекти кои во моментот не работат се затворени заради обезбедување услови за непречено одвивање на работата на инспекторите: спроведување попис и останати потребни активности. Во текот на денот, очекуваме КАМ маркетите да продолжат со редовното работење“ велат во соопштение од менаџментот.

Во меѓувреме и друга државна институција неуморно посетува трговски субјекти и пишува казни. Пазарната инспекција извршила повеќе од шестотини надзори, изречени се прекршочни налози во износ од 194 илјади евра и тоа за 44 субјекти, информираше директорката на ДПИ, Анета Симеска Димоска.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Братот на градоначалникот Стефковски „отрчал“ во станица за да плати казна за пребрзо возење на Велигден, Тошковски најави кривични за началник кој наредил полицаец да пише казна на друг човек

Дејан Дејан

Затемнување во Шпанија и Португалија- прогласена вонредна состојба откако двете држави останаа без струја

Дејан Дејан

Османи: Оваа влада нема интерес да го продолжи процесот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе