Вести Свет

Дали руската инвазија на Украина повторно го обедини НАТО?

Откако францускиот претседател Емануел Макрон во 2019 година изјави дека Северноатлантската алијанса е во состојба на „мозочна смрт“, НАТО се покажа обединет во рускиот напад врз Украина.

Дали оваа војна може да биде можност за трајно „воскреснување“ на НАТО? Како одговор на рускиот напад, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг испрати сили за брза реакција од 40.000 војници за да ги бранат европските граници за прв пат.

Од своето основање во 2004 година, овие сили на НАТО, кои вклучуваат копнени, воздушни, поморски и специјални оперативни сили, досега дејствуваа само во случаи на природни катастрофи и во служба на координирање на повлекувањето од Авганистан во 2021 година.

НАТО се враќа на првобитната цел

Алијансата беше послаба од кога било. НАТО беше поделен, дискредитиран со изјавите на Макрон и поранешниот американски претседател Доналд Трамп и дестабилизиран со заминувањето на американската војска од Авганистан.

Џени Рафлик, истражувач и специјалист за историја на НАТО на Универзитетот во Нант, за Франс 24 изјави дека „потезите на Владимир Путин му овозможија на НАТО да ги зајакне и повторно да ги воспостави внатрешните врски“.

„Поради руската инвазија, НАТО се врати на првобитната цел, што ги намали тензиите во алијансата.“

НАТО е основан во 1949 година за време на Студената војна за да ги брани земјите од Западна Европа од советскиот источен блок. Според Саманта де Бендерн, истражувач од групата за стратегиско размислување Чатам Хаус, таа цел денес доаѓа до израз.

„НАТО е одбранбена организација која има за цел да ги заштити западните земји под американскиот „нуклеарен чадор“.

Крај на поделбата

Оваа војна ги реши долготрајните разлики во размислувањето меѓу источните и западните членки на НАТО. По падот на Советскиот Сојуз, земјите од источниот блок како Унгарија и Полска се приклучија на НАТО за да се одбранат од моќната Русија.

Неодамнешните настани ги оправдаа нивните стравови за членките како Франција, Шпанија и САД, кои сакаа алијансата да се фокусира на Медитеранот, Кина и заканата од тероризам. Оправдани се и критиките на САД дека Европа, а особено Германија не инвестира доволно во армијата.

На 27 февруари, канцеларот Олаф Шолц објави историска пресвртница во германската воена политика. Со буџет од 100 милијарди евра за одбрана од сега до 2024 година, Берлин ќе потроши повеќе од 2 отсто од својот БДП за вооружените сили, кои САД го бараат со години.

Ублажени се и сомнежите за лојалноста на одделни земји-членки. Американскиот претседател Џо Бајден на 24 февруари рече дека ќе ја брани „секој сантиметар“ од територијата на НАТО од Русија.

„Европа со години е загрижена дали САД ќе ги исполнат своите должности во НАТО“, рече Де Бендерн. Помалите земји-членки се сомневаа во одговорот на САД во случај на напад врз нив. „Позицијата што ја зазеде Џо Бајден ги намали стравувањата, иако Европејците нема да бидат целосно убедени додека САД не ја докажат својата лојалност бранејќи ги во случај на вооружен напад.“

И Турција се согласи со НАТО, иако имаше сомнежи дека нема да сака.

„Реџеп Тајип Ердоган одржуваше блиски односи со Владимир Путин“, рече Де Бендерн.

„Одлуката на турскиот претседател да испрати оружје во Украина и да ги затвори теснецот на Босфорот и Дарданелите ги згасна сомнежите.“

Нуклеарна закана

Влогот е зголемен со наредбата на Путин да ги подигне руските нуклеарни сили на високо ниво на подготвеност. Американците се обидоа да ја намалат тензијата со тоа што јавно потврдија дека нема да испратат војници во Украина. Тоа значи дека барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски за НАТО да ги забрани летовите над Украина, кои американската војска треба да ги контролира, засега нема да биде усвоено.

Европската унија веќе испрати борбени авиони во Украина. Според Де Бендерн, воздушната одбрана е најголемата шанса на Украина да победи во воениот конфликт. Но, Бајден јасно стави до знаење дека НАТО нема да интервенира во Украина по воздушен пат за да избегне директен конфликт со Русија.

Затоа е неизвесно дали НАТО ќе може да го прошири своето влијание во иднина.

„Тешко е да се предвиди како ќе се развива ситуацијата. Поради војната минуваме низ многу емотивен период“, рече Рафлик. „Засега јавноста верува дека треба да инвестираме во одбраната на Европа и да го поддржиме развојот на операциите на НАТО. Но, кога ситуацијата ќе се смири, прашање е дали луѓето ќе продолжат да мислат така.“

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Денеска се одржува ,,Марш на ангелите” во Кочани

Дејан Дејан

Тројца отповикани и двајца со истечен мандат остануваат како в.д. амбасадори

Дејан Дејан

Истрагата за трагедијата во Кочани продолжува со распит на сведоци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе