Руската инвазија на Украина влезе во седмиот ден а Москва утринава објави дека нејзините сили ја презеле контролата врз градот Херсон, на југот од Украина. Жестоко бил бомбардиран и Харков, каде според последните информации слетале и руски падобранци и започнале да навлегуваат во градот. Воздушни напади и гранатираше имаше и во Киев, каде беше погоден телевизиски репетитор во близина на меморијалниот центар Бабин Јар.
„Со прецизни оружја беа нападнати технолошки капацитети на украинските безбедносни служби и 72-от центар за психолошки операции во Киев. Телевизискиот репетитор е ставен надвор од функција. Немаше уништување на станбени објекти во нападот. Тактичките и оперативни сили и военото воздухопловство на руските Воздухопловни сили извршија голем воздушен напад врз украинската инфраструктура. 67 објекти беа погодени. Вкупно до сега се погодени 1.502 објекти.“ – изјави Игор Конашенков – портпарол на руското Министерство за одбрана.
Рускиот конвој долг 40 километри долж автопатот од белоруската граница кон Киев, сѐ уште се наоѓа на неколку километри пред украинската престолнина.
Повеќе украински претставници бараат од западните земји да го затворат воздушниот простор над Украина за да се спречи бомбардирањето ан украинските градови, но малку веројатно е дека тоа ќе се случи, затоа што обезбедувањето на затворениот воздушен протстор може да доведе до воено вклучување на НАТО во конфликтот.
„Ако има затворено небо, тоа ќе треба да се обезбедува. Тоа значи вклучување на британски ловци кои ќе соборуваат руски ловци, најверојатно над Украина. Тоа ќе доведе до активирање на Членот 5 на НАТО, а НАТО е одбранбен пакт, сите 30 земји ќе дојдат на помош една на друга, активирањето на Членот 5 ќе доведе до војна со Русија ширум целиот европски континент. Ова не е став кој членките на НАТО се подготвени да го заземат.“ – рече Бен Волас – Министер за одбрана на Велика Британија.
Американскиот претседател Џо Бајден во обраќањето пред Конгресот за состојбата на нацијата, рече дека војната во Украина била однапред смислена и неиспровоцирана и порача дека демократијата и слободниот свет ќе победат над тиранијата.
„Путин воведе насилство и хаос. Но, иако може да има придобивки на бојното поле, тој ќе плати висока цена на долг рок. Рускиот диктатор кој навлегува во странска земја го чини целиот свет. И јас преземам цврсти мерки за да се осигурам дека болката од нашите санкции е насочена кон руската економија.“ – истакна американскиот претседател Џо Бајден.
Украинското Министерство за одбрана тврди дека од почетокот на инвазијата во борбите со украинската армија до сега загинале 5.840 руски војници, нивната противвоздушна одбрана урнала 30 авиони и 31 хеликоптер. Уништени биле 211 тенкови и 862 оклопни пешадиски возила, 85 артилериски парчиња, 9 противвоздушни системи и 355 возила.
Москва до сега не објави никакви податоци за жртви на нејзините сили во Украина.
Игор Трајков