Украинската делегација утрово пристигна на местото на разговорите со Русија за да побара „итно“ прекин на огнот и повлекување на руските војници, соопшти украинското претседателство.
„Украинска делегација пристигна во украинско-белоруската погранична област за да учествува во преговорите“, соопшти Претседателството.
„Клучното прашање е итен прекин на огнот и повлекување на војниците од украинска територија“, се вели во соопштението.
Во делегацијата, меѓу другите, се и министерот за одбрана Олексеј Резников и претседателскиот советник Михајло Подољак.
На петтиот ден од нејзината офанзива, Москва рече дека сака да постигне „договор“ со Киев за време на разговорите во понеделникот, додека офанзивата се чини дека наидува на поголем отпор од очекуваното.
„Секој час додека се одолговлекува конфликтот, умираат украински граѓани и војници. Се договоривме дека треба да се постигне договор, но тој мора да биде во интерес на двете страни“, изјави рускиот преговарач и советник во Кремљ, Владимир Медински.