Вести Македонија

Проценката во ЕУ е дека постои ризик од дестабилизација на Балканот

Високи дипломатски извори за МИА велат дека ќе се разговара и за Западниот Балкан на денешниот ЕУ самит, безбедносната процена е дека не е исклучен ризик од дестабилизација поради руско-украинската војна.

Лидерите на 27-те земји членки на ЕУ попладнево пристигаат во Брисел за вонреден самит посветен целосно на војната во Украина. Главната цел е усвојување на втор посилен пакет на санкции против рускиот режим откако тој ноќва ја нападна Украина.

Високи дипломатски извори за МИА потврдија дека „Балканот се усогласува со Европската Унија“ во делот на одговорите на руските воени дејствија и дека ЕУ е во постојан контакт со лидерите од регионот.

Јасно е дека постои безбедносен ризик во регионот, оваа закана ја сфаќаме многу сериозно, изјавил дипломатот, кој додаде и дека за темата се разговарало на состанокот на Г7 групата денеска.

Европската Унија вечерва ќе се стреми кон единство во својот одговор и санкции кон Русија, објаснуваат дипломатите кои денеска интензивно ги брифираат новинарите пред почетокот на ЕУ самитот.

Работиме на заклучоците за да имаме силна осуда, да повикаме веднаш да запрат воените дејствија, да се поддржи Украина, да се усвои вториот пакет на санкции и да се почне со работа за дополнителни рестриктивни мерки, објаснуваат во Советот.

На маса е исклучувањето на Русија од меѓународниот финансиски систем СВИФТ, забрани за извоз, но и укинување на слободното движење на руски граѓани, најверојатно таргетирани лица инволвирани на некаков начин во војната. За разлика од изјавата на белгискиот државен секретар утрото дека треба да се забрани патување за сите Руси, во ЕУ расположението не е да се казнат обичните руски граѓани во овој момент.

Она што е важно за ЕУ во овој момент е вториот пакет санкции да биде посилен од првиот и да биде усвоен со единство на сите членки, за да се покаже обединет фронт пред Русија.

Енергетските прашања нема да се разговараат вечерва, бидејќи тие бараат потемелни разговори, а се чека и дали Кремљ ќе прогласи противмерки. ЕУ паралелно разговара со земји како Алжир, Норвешка, Катар, земји од југоисточна Азија, и се разбира САД, за набавка на енергетски ресурси.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЕУ е за проширувањето, но и недостига временска рамка – кога

Дејан Дејан

Силно невреме: Се сруши Кран во Белград

Дејан Дејан

ОЈО бара притвор за лицето осомничено за подметнување на пожарот во Ѓорче Петров

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе