Вести Свет

Кремљ: Руската воена операција во Украина ќе трае колку што ќе биде потребно

Кремљ денеска соопшти дека воената операција против Украина ќе трае онолку колку што е потребно, во зависност од нејзините „резултати“ и нејзиното „оправдување“, и додава дека Русите го поддржуваат нападот.

Русија почна инвазија врз Украина од копно, воздух и море, што е најголемиот напад на друга земја во Европа од Втората светска војна.

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека Москва сака да наметне „неутрален статус“ на Украина, да ја демилитаризира и да ги отстрани „нацистите“ од земјата.

Времетраењето (на операцијата) ќе биде одредено според нејзините резултати и нејзината оправданост. За тоа ќе одлучи врховниот командант на вооружените сили Владимир Путин, рече Песков.

Тој тврди дека Москва не сака да ја „окупира Украина“ и дека иднината е „прашање на избор на украинскиот народ“.

Теоретски, Украина треба да се ослободи и исчисти од нацистите, изјави портпаролот на Кремљ.

Москва ги обвинува прозападните власти во Киев дека со помош на воени групи блиски до крајната десница организирале „геноцид“ на жителите кои зборуваат руски на исток.

Сепак, портпаролот на Кремљ не одговори на прашањето дали Москва го смета украинскиот претседател Володимир Зеленски за „нацист“.

Според него, одлуката за напад на Украина „била диктирана од грижата за иднината на Русија, која со недели барала од Западот да вети дека Киев никогаш нема да влезе во НАТО“.

Тој ја спомена „неутрализацијата на воениот потенцијал на Украина“, која „неодамна беше силно зајакната, дури и благодарение на акциите на странските земји“.

Песков исто така рече дека Москва е подготвена да разговара со украинските лидери за овие барања, доколку тие се „подготвени за дијалог“.

Направивме се што можеме за да го направиме овој емотивен период што е можно пократок, рече тој, додека рубљата беше во слободен пад на Московската берза.

Тој исто така рече дека „земја како Русија“ не може да биде изолирана на меѓународната сцена, и покрај заканите од Западот.

Претходно руската армија објави соопштение во кое изнесе низа тврдења за причините на инвазијата и нејзината оправданост. Во него, армијата го повтори тврдењето дека нападот врз Украина е извршен за да се заштитат сепаратистичките региони во Донбас, кои според Москва се цел на напад од страна на украинската армија. Западните земји обвинуваат дека овие руски тврдења се целосна измислица и посочуваат дека Москва со недели се обидуваше да фабрикува оправдување на инвазијата врз Украина.

Армијата тврди дека се извршени напади со високо прецизни оружја и нивна мета е воената инфраструктура на Украина. Според засега непотврдени информации во руските бомбардирања загинале најмалку 30 цивили,

Руската армија, исто така, тврди дека украинските војници масовно бегаат напуштајќи ги своите позиции. Украина од друга страна тврди дека нејзината армија се спротивставува на руската агресија и до сега загинале 50 руски окупатори, биле соборени шест борбени авиони и еден хеликоптер.

Претходно претседателот Зеленски објави дека ќе им бидат обезбедени оружја на сите Украинци кои сакаат да ја бранат својата татковина.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Недоволен буџет за здравствена заштита и застој во изградбата на нови болници, регистрираат ревизорите во извештајот за 2023

Дејан Дејан

Рашче под притисок, дивите приклучоци го уништуваат капацитетот

Дејан Дејан

Разговори за можно примирје во Појасот Газа во Белата куќа- Нетанјаху на вечера кај Трамп

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе