Има решение за Комисијата за избори и именувања, од која зависи изборот на четворица уставни судии. Фадиљ Зендели треба да си замине, а на негово место да дојде пратеник од СДСМ. Ова е барањето на спикерот Талат Џафери, проследено со најава дека тој мора да го штити Деловникот. Беса молчи за ова барање, но опозициската Алијанса за Албанците е уверена дека владеачките СДСМ и ДУИ сакаат `се да контролираат.
Комисијата за избори и именувања мора да го рефлектира соодносот меѓу партиите, пропишан со Деловникот. Ова го потенцира спикерот Талат Џафери и бара БЕСА, која премина во опозиција, да го отстапи местото во комисијата што го доби кога беше владеачка партија. Очекува пратеникот од БЕСА Фадиљ Зендели самиот да си даде оставка.
Џафери потсетува дека од истите причини, Зендели веќе си даде оставка од потпретседател на Собранието. Но и на Деловникот, кој предвидува во Комисијата за избори и именувања партиите да се соодветно застапени, што би значело ист број членови од СДСМ и од ВМРО ДПМНЕ, а не еден помалку од владеачката партија. „Механизми постојат и јас сум должен да воспоставам паритет“, рече Џафери на брифингот.
Алијанса, која ги изгуби местата во комисииите со преоѓањето на Алтернатива во владеачка партија, бара власта и опозицијата заедно да ги утврдат кандидатите за уставни судии и другите функционери.
Комисијата за избори и именувања не функционира од локалните избори. Без неа, не може да се утврди предлог за избор на четворица уставни судии, иако Уставниот суд тоа го побара уште во март минатата година. Доведено е во прашање функционирањето и на другите собраниски комисии, бидејќи членството треба да се пополни или прераспредели по предлог токму на оваа комисија.
Соња Николовска