Од МВР соопштија дека почнале да ги истражуваат се почестите интернет напади и закани кои со говор на омраза и антисемитизам се упатени кон 38-те припадници на еврејската група Лев Тахор кои по Куманови и Скопје, сега се сместени во Охирд.
=Секторот за компјутерски криминал презема мерки и активности за ваквите објави кои имаат елементи на кривично дело, ни одговорија од МВР.
На интернет имаше дури и закани од типот „треба да се запали хотелот со Евреите во него“ што беше наведено и во реакцијата на Еврејската заедница. И според заедницата и според Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во Македонија е регистриран антисемитизам кој не бил појава во овдешното општество.
-Јавното обвинителство ги следи сите информации и доколку утврди елементи на кривично дело веднаш ќе постапи согласно своите законски надлежности. Во исто време, ги охрабруваме сите кои поседуваат информации и докази за сторено кривично дело, настанот да го пријават во надлежните институции, ни одговорија од обвинителството.
38 членови на групата Лев Тахор се во Охрид и станува збор за американски, канадски и гватемалски државјани.
Наведената група не претставува никаква опасност и апелираме на толеранција и солидарност кон истите. Лицата за кои прашувате ги почитуваат законите на Република Северна Македонија, се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава, велат од МВР.