Закани со секира, навреди и физички напад пријавила новинарска екипа на Регионалната телевизија Полог. Според сведоштвото на новинарот Невриј Адеми, вчера додека снимале прилог во основното училиште во селото Ѓурџевиште, општина Врапчиште, едно лице најпрво вербално, а потоа и физички ги нападнал, по што тие се упатиле кон автомобилот и возеле до најблиската полициска станица.
Полицијата вчера го лишила од слобода напаѓачот, разговорано е со него и е пуштен, а во координација со јавен обвинител ќе му биде изготвен соодветен поднесок.
Новинарот Адеми порачува Обвинителството да преземе соодветни мерки за да не се повторуваат вакви случаи.
За овој случај преку соопштение се огласија од Здружението на новинари на Македонија, поздравувајќи ја брзата реакција на МВР за приведување на напаѓачот, при што порачаа дека заштитата на новинарите и нивната безбедност е предуслов за информирање на граѓаните, посебно во мали средини, со цел да постои поголема присутност на теми кои се од локален јавен интерес.
Нападот најостро го осудија и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со порака дека навремената и соодветна реакција на надлежните институции е клучна во разрешувањето на случајот и за превенција на вакви и слични појави во иднина.
Данијела Билбилоска