Иако издавачката дејност е една од финансиски најподржаните , како што кажа вчера министерката за култура на презентацијата на резултатите од конкурсите за подршка на проекти од национален интерес за оваа година, први со реакции се јавија одбиените издавачи и автори. На издавачкиот центар „ Три“ му се одбиени 6 книги. Две авторски и 4 од преводната литература. Од таму бараат промена на критериумите за доделување сретства.
Не чуди на пример зошто еден превод на Драги Михајловски не е подржан , а подржани се стотина други преводи. И навистина гледаме тука некаков дисбаланс. Дали се гледа да се задоволат поголемиот дел од пријавите, дали се гледа што години наназад ние апелираме дека треба да се гледа и големината на издавачот, колку е тој присутен на пазарот, колку книжарници има, колку луѓе вработува, изјави Бојан Саздов од Издавачки центар „Три“.
На ФБ реагираше музичкиот новинар и хроничар Тошо Филиповски. Тој е одбиен за објавите –„ Антологија на македонската рок поезија“ и „ Монографија за македонските фанзини“.Револтиран, Филиповски најави дека повеќе нема да истражува и објавува музички изданија.
Мизар –Откровенија 1981-2021“, ќе биде последна книга што ја објавувам. Имав план за објава на 10-15 книги…еднаш годишно. Но…Некои идни генерации нека продолжат кај што застанав, напиша Филиповски
А, од Мрежата на ромски организации , упатиле писмо за итна средба со министерката за култура, комисиите и претставник од Антикорупциска комисија, зашто се незадоволни од добиените 0, 2 % од вкупниот буџет за одобрените прокти. Тоа за нив претставува културен геноцид.
Ова не доликува. Минатата година со 50 илјади евра на 15 милиони . Оваа година со поголем буџет од 17 милиони евра, ние добивме помалку од 30 илјади евра. Сите апликанти толку добиле, изјави Зоран Димов, координатор на Мрежа на ромски организации за трајни системски решенија.
Од Министерството за култура велат дека издавачот „Три“, е одбиен зашто согласно мерилата и критериумите не освоил доволно бодови. Филиповски не поминал поради некомплетна проектна документација. А и покрај правичната застапеност на етничките заедници , Ромите добиле толку пари колку што квалитетот на проектите освоил бодови.
Комисиите ги темелат одлуките врз јасно поставени проиритети, услови, мерила и критериуми, одредени од самиот конкурс, така што бројот на бодови е одраз на фактичката состојба на секоја пријава, тврдат од култура.
Одбиените имаат право на жалба до Комисијата за одлучување во управна постапка, во рок од 15 дена по добивањето на решението.
Сотир Трајков