Вести Македонија

На сегашните и идните вработени во МВР ќе им се прави тестови за интегритет, но и ќе се проверува колку се збогатиле

На сите што ќе сакаат да бидат дел од МВР, но и на веќе вработените полицајци, ќе им се прави тест за интегритет. Кога еднаш ќе докажат дека го имаат, на припадниците на МВР тоа нема да биде еднаш засекогаш дадена потврда, туку нивниот интегритетот постојано ќе треба да се реоценува. За полициските службеници ќе се воведе и обврска за пријавување на нивниот имот и интереси, а тие нема да смеат ниту да членуваат во политички партии.

Овие нови правила ги предвидуваат измените на Законот за внатрешни работи, кои денеска веќе се на второ читање пред народните избраници од собраниската Законодавно-правна комисија. Владата ги носи согласно препораките од меѓународните институции.

„Заради спречување корупција и злоупотреба на службената положба, а со цел јакнење на интегритетот на работниците во Министерството и превентивно дејствување, организациската единица ќе врши проверка на интегритет преку спроведување тест за професионален интегритет на работниците“, е една од новите одредби што се додава во Законот за внатрешни работи. Оваа проверка кај работниците во МВР ќе се врши континуирано.

„Тестот за професионален интегритет е контрола на постапувањето на работникот во Министерството во симулирана ситуација, која е идентична на неговите работни задачи, без обврска за претходно известување на организациската единица во која е распореден и работи“, стои во законските измени.

Сепак, за спроведувањето на тестот за интегритет на пратениците се предвидува одложна примена, односно тоа тестирање ќе се прави дури после една година од денот на влегување во сила на законот.

Резултатите што ќе се добијат од тестот можат да бидат индикатор за поведување на предистражна постапка за полицајците, како и да се сменат процедурите за работа, но и да се почне со обука на работниците.

Кога ќе се тестираат полицајците, ќе мора да се почитува начелото на законитост, основните човекови слободи и права, како и нивното достоинство. Работникот кој се тестира не смее да се поттикнува на извршување кривично дело или повреда на службената должност и овластувања.

Активностите преземени за време на тестот не смеат да бидат дел од посебните истражни мерки пропишани со Законот за кривичната постапка. Постапката на тестирање, пак, може да се документира на видео или аудио запис.

Резултатот од тестот може да биде позитивен или негативен. За негативен ќе се смета доколку за тестираниот рботник се утврди дека при извршувањето на задачите не постапувал согласно закон или, пак, покажал склоност кон корупција.

Како што велат од Владата која е предлагач на законот, негативниот резултат на тестот за интегритет ќе биде основ за дисциплинска постапка против работникот.

Исто така, во законските измени стои дека вработениот во МВР треба „да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија“, за што мора да поднесе и изјава. Практично, се предвидува забрана за вработените за членување во политичка партија, покрај другите утврдени забрани за основање, раководење, застапување и претставување политичка партија или членување во органи и тела, и чие непочитување ќе биде еден од потешките случаи на кршење на работниот ред и дисциплина.

При засновање на работен однос во Министерството, а најдоцна во рок од 30 дена од склучувањето на договорот за вработување, работниците во Министерството поднесуваат изјава за имотна состојба и интереси, во постапка и под услови утврдени со закон.

Вработените во Министерството ќе бидат должни во рок од 30 дена да го пријават секое зголемување на нивниот имот, односно на имотот на член на нивното семејство, во вредност што надминува износ од дваесет просечни нето плати во претходниот тримесечен период, како и промена на нивните интереси.

Со законските измени, исто така, во законот се брише еден член кој се однесува на додатокот за кариера.

Дел од новите законски одредби, пак, ја менуваат постапката за утврдување на дисциплинска одговорност во Министерството, при што се предвидува тие постапки да се водат во посебна организациска единица во МВР, надлежна за спроведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на работниците.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЕУ е за проширувањето, но и недостига временска рамка – кога

Дејан Дејан

Силно невреме: Се сруши Кран во Белград

Дејан Дејан

ОЈО бара притвор за лицето осомничено за подметнување на пожарот во Ѓорче Петров

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе