Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бара од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага за денешниот напад кон новинарска екипа од ТВ Полог, Тетово.
Додека снимале инсерти за репортажа од основното училиште “Наим Фрашери” во село Ѓурѓевиште, општина Врапчиште, Гостиварско, кога околу 14:00 часот новинарот Неври Адеми и снимателот Збулим Максути, вербално а потоа и физички биле нападнати од страна на едно лице.
Според изјавите на новинарската екипа, додека работеле, лицето Бурхан Хамити им се обратил со вербални навреди и закани, при што го фатил снимателот за глава и го туркал по скалите во училиштето.
ЗНМ контактирало со новинарот на ТВ Полог Неври Адеми, кој потврдил дека:
,,Додека снимавме и работевме на репортажата со колегата снимател Збулим, ни се доближи лицето Бурхан Хамити и откако ни се обрати со погрдни зборови, го фати колегата за глава и го буткаше по скали. Потоа слезе во училишниот двор и почна да не брка со секира. Ние брзо влеговме во автомобилот и се упативме до полициска станица да го пријавиме нападот,а напаѓачот цело време не следеше со неговиот автомобил дури до селото Неготино, гостиварско,“ изјави Адеми.
ЗНМ бара од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот. Потенцираме дека заканите по живот се кривични дела предвидени во Кривичниот законик а МВР и ОЈО, треба итно да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина.