Жители на Кочани, граѓански активисти од денеска до петок протестираат пред капијата на фабриката за хартија Пејпер Мил. Самоиницијативно, преку социјалните мрежи ги организираат протестите, се жалат дека фабричкиот оџак повторно им го загадува воздухот. Поради чадот не можат да излезат од своите домови, ниту пак да отворат прозорци.
Оваа фабрика неколкупати беше чешлана од инспекторите. Пред една година мерењата во лабаратории покажаа дека од оџакот се испушта прашина и јаглероден моноксид над дозволените граници. На Пејпер Мил му беше изречена казна од 20.000 евра, а беа задолжени да го сменат горивото од пелети на метан. Поставија нови филтри, но како што велат жителите загадувањето продолжило.
Раководството на Пејпер Мил појаснува дека фабриката работи со ист интензитет без разлика дали е викенд или ноќна смена. Денеска имале посета од инскпекторите за животна средина. Поради високата цена на метанот биле приморани да се префрлат на пелети од сончоглед, правени по европски стандарди. Последниот инспекциски надзор направен пред месец дена утврди дека испуштањето на ПМ честичките е во граници на дозволеното.
Викторија Димитрова Јованова