Нема да има ескалација на конфликтот во Украина и ќе остане како замрзнат конфликт. Ова е оценката од вечерашната Топ тема на професорот Методи Хаџи Јанев и новинарот Сашо Ордановски.
„Прескапа е авантурата да дојде до голем конфлинт за сите. Тоа различни играчи на таа табла можат различно да го поднесат, дури и со претпоставката дека некои се демократи некои се автократи. Цената за Русија ќе биде превисока“, вели Ордановски.
Според него откако Путин покажа на западот дека е решен да оди ако треба и екстремно, а Западот му покажа дека е решен ако треба и да се брани Украина со оружје, сега тоа ќе се тргне малку од масата (преговарачка) и ќе се влезе во разговор и тоа во суштина ќе прерасне во замрзнат конфликт.
„Она што сметам дека ќе се случи, на каде ќе се движи целата ситуација, е дека конфликтот ќе остане замрзнат и дека стихијно Путин ќе го добие она што го сака, затоа што сметам дека Западот нема да биде решен за офанзива на источна Украина, а земајата е незадоволна од она што го има сега“, истакна меѓу другото Хаџи Јанев.