Власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за опструкција на Комисијата за избори и именувања. СДСМ бара да се сочуваат деловничките правила, според кои СДСМ треба да има претседател и член во ова работно тело и ја повикува ВМРО-ДПМНЕ да престане со опструкциите.
Опозицијата е уверена дека комисијата може да заседава, доколку седницата ја закаже заменик претседателот.
Проблемот настана по локалните избори, кога претседателот на комисијата беше избран за градоначалник, а БЕСА премина во опозиција. Со тоа, соодносот од 7 члена од власта и 6 од опозицијата се смени во полза на опозицијата. Пратеникот од БЕСА Фадиљ Зендели го обвинува спикерот Џафери за немање политичка волја за компромис со опозицијата.
Џафери вчера соопшти дека не може да се изберат уставни судии бидејќи има опструкции и изигрување на процедурите во Комисијата за избори и именувања. Денеска, не одговори дали има намера тој самиот да закаже седница, бидејќи комисијата не заседавала половина година. Деловничкото право да интервенира доколку некоја комисија е нефункционална, денеска го искористи закажувајќи три седници на комисијата за финансирање и буџет, која исто така остана без претседател.
Седниците сепак не се одржаа – дел од членовите се службено отсутни, а недостигаат два члена кои треба да ги предложи Комисијата за избори и именувања – истото работно тело од кое зависи изборот на четворица уставни судии, на членови на Советот на МРТВ, Агенцијата за медиуми, замениците на Народниот правобранител и други.
Соња Николовска