Македонија

Ковачевски на средби со раководството на ЕУ

Од голема важност е што поскоро да почне преговарачкиот процес за Македонија, за да се одржи динамиката на реформите. Ова е еден од заклучоците од денешната средба на премиерот Ковачевски со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. На средбата на која присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, Ковачевски истакнал дека, во наредниот период, за време на претседавањето на Франција со ЕУ едно од клучните очекувања е засилениот ангажман на Европската Комисија да помогне во деблокирање на процесот за проширување со Македонија и Албанија. Информирал и за средбите во Скопје и Софија, како и формирањето на пет работни групи.

Од нивната работа се очекуваат конкретни резултати кои ќе бидат преточени во патоказ кој ќе го забрза процесот за одржување на првата Меѓувладина седница со ЕУ. Од исклучителна важност во тој процес е вклучувањето на Европската Комисија и Француското Претседателство со ЕУ, за да се овозможи решенијата да бидат во согласност со европските стандарди и вредности, порача Ковачевски.

На средбата се разговарало и за ефектуирање на финансиската поддршка од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, за проектите за железницата со Бугарија, за пречистителна станица за отпадни води во Скопје, за парк за ветерна енергија, за соларна централа, како и за интерконекторот за гасно поврзување на Македонија со Србија.

За почнатиот интензивен дијалог со Бугарија, Ковачевски го информирал и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, кому му се заблагодарил и за неговите лични заложби за отпочнување на пристапните преговори на земјата без одлагање.

Благодарност за континуираниот ангажман во поддршката на државата во процесот на интеграција,  Ковачевски искажал и на средбата со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола. Како особено значајна, ја навел плодната соработка во рамките на дијалогот Жан Моне, преку дискусиите на Мешовитиот парламентарен комитет.

Далиборка Дамјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пожар кон граничниот премин Блаце, се шири кон шума

Дејан Дејан

Градоначалникот на Кисела Вода влегува во трка за Скопје

Дејан Дејан

Мицкоски: Нема да има данок за немажени, сакав да поттикнам дебата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе