На 17-ти април ќе се повторат локалните избори во општините Маврово-Ростуше и Центар Жупа. Претседателот на Собранието Талат Џафери го потпиша решението за распишување избори за градоначалник во овие две општини.
На изборите што се спроведоа на 17-ти октомври минатата година, во овие две општини имаше одѕив помал од 33 одсто, што е законски услов за успешност во првиот круг: во Маврово-Ростуше гласале 32 одсто, или, околу 3.200 гласачи, а во Центар Жупа 25,6 одсто, што значи – само 1.800 гласачи. Со одлука на Владата, мандатот на постојните градоначалници Медат Куртовски и Аријан Ибраин е продолжен до изборот на новите. Овие општини се печалбарски, па се смета дека слабиот одѕив се должи на големите разлики меѓу запишаните гласачи и реалниот број на жители.