Тензиите меѓу Соединетите американски држави и Русија околу безбедносната ситуација во Украина и натаму ескалираат.
Дипломатите на двете држави во Советот за Безбедност разменија остри пораки и меѓусебни обвинувања за тоа кој е виновен за зголемувањето на опасноста од воена ескалација и потенцијален судир во источниот дел од Украина, кој е под контрола на про-руските сепаратисти.
За американската амбасадорка, Линда Томас – Гринфилд руската мобилизација околу границата со Украина е најголемата регистрирана во Европа во последните неколку децении.
Според американските и НАТО анализите, официјална Москва распоредила повеќе од 100 000 војници,тенкови, артилерија и ракетни системи во близина на украинската граница.
Колеги, ситуацијата со која се соочуваме во Европа е алармантна и опасна и ризикот за Украина и за секоја земја членка на ОН не може да биде поголем. Акциите на Русија се насочени против суштината на повелбата на ОН. Ова е јасна и директна закана за мирот и безбедноста која било кој може да ја замисли, изјави Линда Томас Гринфилд, амбасадорка на САД во Советот за Безбедност.
Западните сојузници се заканија со дополнителни остри санкции против поединци и компании блиски од Кремљ, кои би биле целосно исклучени од меѓународниот финансиски систем, доколку Русија изврши инвазија врз Украина.
Подгревате воена хистерија и свесно ги ескалирате тензиите, мешајќи се во внатрешните руски работи и билатералните односи со Украина, реплицираше рускиот амбасадор во светската организација.
Разговорите за заканата од војна се провокација сами по себе. Вие речиси и повикувате тоа да се случи. Сакате тоа да се случи. Чекате тоа да се случи и како да посакувате вашиот свет да стане реалност. Ова е и покрај фактот дека ние постојано ги отфрламе овие обвинувања како и покрај фактот дека никаква закана за планирана инвазија на Украина не била изговорена од устите на кој било руски политичар или јавна личност. Ниту една таква закана не била изговрена. Напротив, на сите нивоа, ние категорично ги отфрламе таквите планови, изјави Василиј Небензиа, амбасадор на Русија во ОН.
Москва бара од Западот ветување дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО, воена алијанса во која земјите членки имаа преземено обврска дека ќе си помогнат една на друга во случај на воен напад. САД целосно го отфрла руското барање.
Меѓу 30-те членки на НАТО се и Литванија, Летонија и Естонија, трите поранешни Советски републики кои се граничат со Русија. Официјална Москва го смета распоредувањето на НАТО трупите во источна Европа како директна закана за својата безбедност.
Она што е сигурно е дека од зголемувањето на тензиите досега профитираше моќното воено американски лоби. САД испратија досега над 200 тони оружје во Украина, во обид да го зајакнат одбранбениот потенцијал на својот сојузник.
Истовремено, балтичките републики добија зелено светло од Вашингтон да префрлат во Украина дел од својот од својот воен арсенал купен од Соединетите држави. Украинската армија објави и фотографии на кои американски војници ги обучуваат украинските сојузници за употреба и користење на дел од испратениот воен арсенал како анти тенковските проектили.
Никола Илиевски