Фудбалерот на Манчестер јунајтед, Мејсон Гринвуд останува во притвор, откако полицијата доби второ продолжување на рокот за дополнително испрашување.
Младиот 20-годишен крилен напаѓач беше уапсен од полицијата во Манчестер во неделата попладне, откако неговата девојка Хериот Робсон на социјалната мрежа „Инстаграм“ објави фотографии на кои има раскрвавено лице и модринки по цело тело.
„До сите оние што сакаат да знаат што всушност ми прави Гринвуд“, напиша Робсон.
Полицијата веднаш го приведе фудбалерот за сексуален напад и закани за убиство. Неговиот клуб Манчестер јунајтед уште вчера соопшти дека Гринвуд е суспендиран на неопределено време и нема да тренира ниту пак да игра за клубот.
Неговите дресови веднаш се повлечени од клупската продавница, а компанијата за спортска опрема „Најк“ го суспендираше неговиот спонзорски договор.
Последниот потег го направи компанијата „ЕА Спортс“, која е креатор на видеоиграта „ФИФА22“. Гринвуд е избришан од видеоиграта додека трае процесот против него.