Фудбалерот на Манчестер јунајтед, Мејсон Гринвуд вчера беше уапсен под сомнение за физички напад и силување на неговата девојка Хериет Робсон.
Англичанецот ќе остане во притвор уште некое време со цел полицијата во Манчестер да ги направи сите потребни интервјуа и да собере докази за случајот.
Робсон објави фотографии на „Инстаграм“ со раскрвавено лице и модринки по телото и го обвини Гринвуд.
Манчестер јунајтед вчера соопшти дека 20-годишниот фудбалер е суспендиран на неопределно време и не смее ниту да тренира со тимот ниту пак да игра натпревари додека не се расветли случајот. Гринвуд во 2019 година го имаше своето деби за првиот тим на „црвените ѓаволи“, а лани во февруари потпиша нов четиригодишен договор со клубот.
Ова е втор ваков голем скандал во англискиот фудбал, бидејќи фудбалерот на Манчестер сити Бенжамин Менди е обвинет за седум случаи за силување.