Текстот на Рефет Абази „ Јазли“, в петок и сабота ќе има две праизведби на сцената на Албанскиот театар- Скопје. Се работи за текст, кој авторот го напишал 2015 година, чија режија ја потпишува Куштрим Бектеши.
- Драмата „ Јазли“, проектира една комплексна и траорна слика на времето што го живееме, третирајќи ги судбинските „ јазли“, на многу ликови кои во вителот на времето ја изгубиле душевната хармонија и контактот со себе си и вистината. Како лајмотив во структурата на драмата се чувствува бескомпромисната борба помеѓу доброто и злото, светлината и темнината, а борбата е на две нивоа: на индивидуално и на речиси метафизичко ниво меѓу Господ и ѓаволот, вели во својата режисерска експикација Куштрим Бектеши.
Бројните теми што ги загатнува драмата, како што се женидбата и разводот, традиционалното и модерното, реалноста и илузијата, професионалноста и болните амбиции, душевното и материјалното , вредностите и антивредностите, „ купувањето“ и „ спасувањето“ на душите на сцената ќе бидат прикажани низ жанрот на магичниот реализам, стои во експликацијата на Бектеши.
Во претставата настапуваат 11 актери, меѓу кои се: Сабина Мемиши, Амернис Нокшичи, Теута Ајдини Јегени, Адем Карага, Бислим Мучај (како гостин од Косово), Осман Ахмети, Фисник Зекири и малиот Ерди Џемаили.
Сценограф е Бетим Зекири, костимограф- Емира Имери, а музиката ја компонираше Тримор Доми.
Рефет Абази е актер, професор на ФДУ и драмски писател, познат по драмите „ Живот под кирија“, „ Аквариум“ и „ Бегство“.