Магазин Серии

„Тајкунот“ Бјелогрлиќ- почна во Бошко Буха, беше и маршалот Тито и Царот, ги режираше „Монтевидео“ и „Сенки на Балканот“, му даде филмски живот на „Тома“ Здравковиќ

  • Филмската биографија Драган Бјелогрлиќ, меѓу филмските подвизи и судири со естаблишментот
  • Од дете-бомбаш, преку бунтовникот Боба, „Убави села, убаво горат“ и маршалот Тито до режија на „Тома“ и улогата на „Тајкунот“
  • Во сегашноста е на мета на владеачката политика, но реализира и два големи хита, со еден притвор

 Моќта не е делива, стои во пораката на серијата „Тајкун“ на дигиталниот плакат, на кој Бјелогрлиќ е централен лик, и стои сам во одело среде темнината која го обиколува.

Серијата е снимана и подготвувана три месеци, а Бјелогрлиќ сам вели дека улогата на тајкунот му била поинаква од досегашните. Покрај тоа бил задолжен само за глумата, не беше режисер како на некои други проекти (Сенки над Балканот, Монтевидео, Нечиста крв).

-Се договоривме со режисерот и сценаристот да се обидеме да изградиме еден целосно автентичен лик, а јас како актер да се обидам да создадам креација која не би личела на било што сум работел досега, да креирам лик кој досега не е виден во некои филмови или серии. Беше огромна задача и предизвик, рече Бјелогрлиќ во едно интервју, за својот лик Владан Симоновиќ во „Тајкун“, кој според продуцентите на серијата бил пишуван токму за популарниот Бјела.

Од дете-бомбаш, преку бунтовникот Боба, „Убави села, убаво горат“ и маршалот Тито до режија на „Тома“ и улогата на „Тајкунот“

58-годишниот Бјелогрлиќ за улогата на Тајкунот доби и награда за најдобро актерско остварување. Тоа не е единствената негова награда за филмските улоги и за режијата.

Кариерата ја почнува на 15-годишна возраст со улога на Сирогојно, мало ситно момче кое заедно со „Бошко Буха“ е ударната сила на детскиот партизански бомбашки одред на Втората пролетерска бригада. Филмот е прикажуван од 1978-ма година кога беше премиерно изведен, а генерации и генерации Титови пионери го запознаваа Бјелогрлиќ на големото филмското платно.

Партизанската херојска униформа ја заменува со тексас јакна и портретирање на проблематичниот тинејџер Боба Попадиќ во југословенскиот сит-ком „Подобар живот“. Таму настапуваше на крајот на 80-тите години од минатиот век, а се уште беше на филмската академија во Белград која ја запиша на 21-годишна возраст.

По завршувањето на војните низ Југославија (пред да се случи косовската), Бјелогрлиќ во тандем со режисерот Срѓан Драгојевиќ имаше двојна соработка. Во 1996-та во „Убави села, убаво горат“, го глумеше босанскиот Србин Милан, кој до војната во БиХ живее во идила со најдобриот другар-Бошњак пред политичарите и криминалците да им се вмешаат во нивниот атар и да ги претворат во крвни непријатели кои се борат против себе заглавени во недовршен тунел.

Во вториот „Рани“, Бјелогрлиќ е спротивното, војник со криминално досие, кој на фронтот оди да краде и да се збогати. Неговиот лик со асоцијативно име Куре ја доживува судбината на многу дечки од асфалтот кои го губат животот заглавени во дрога и во борба со крволочните крими-наследници додека тајкуните околу нив растат, а политичарите ја грабаат моќта.

Улогата на Милан во „Убавите села, убаво горат“ му донесе повеќе награди за најдобро актерско остварување. Бјелогрлиќ продолжи со други филмови и серии за кои добиваше позитивни критики.

Повремено се сели и во театарот, па така во 2006-та година глуми во култната американска драма „Лет над гнездото на кукаквицата“. Ликот на Рендл МекМарфи (во култната американска филмска верзија го толкува легендарниот Џек Николсон, Бјелогрлиќ го поставува на даските на Белградско драмско позориште и покрај овации добива и тетараски наградби за изведба на „бунтовникот во лудницата“ Рендл.

Меѓу позначајните негови улоги секако и е појавувањето во уште култна серија „Ќе се вратат штрковите“ во која се раскажува преселбата на криминална група од Белград во едно живописно село во Војводина кое се вика Баранда и станува центар за „сиви“ операции на групата во која и ликот на Бјелогрлиќ има свои цели.

На влезот во 5-тата деценија од животот, на сопствената актерска и продуцентска улога во филмската индустрија, ја приклучува и режијата. Прв зафат му е историската драма по вистинита приказна за учеството на југословенската фудбалска репрезентација на Првото светско првенство во Уругвај во 1930-тата година.

Од „Монтевидео“ произлегува и телевизиска серија, но и второ продолжение на филмот за фудбалските авантури на далечниот континент. Следен негов режисерски потфат е серијата „Сенки над Балканот“ во кој ги доловува состојбите во Белград како престолнина на кралството Југославија.

Во „Сенки“, Бјелогрлиќ е и главен актер, глуми полициски инспектор кој има проблеми со себе и сопствените зависности, но и големи проблеми со српските криминалци и масони, македонските комити, германските инвеститори и руските офицери-бегалци од комунистичката револуција на Советскиот Сојуз.

Фантастичните оценки на работата на Бјелогрлиќ не го запираат, па тој продолжува со главна ролја во криминалната балканска приказна „Јужен ветар“ каде ликот кој го толкува е едноставно Царот, чие криминално царство  е на удар на црногорската и на бугарската мафија.

Бјелогрлиќ станува дури и еден од ретките актери кои го глумаат Маршалот. Како Јосип Броз Тито, командант на победничката ЈНА, овој српски актер се појавува во серијата „Рамна Гора“- биографска приказна за падот и смртта на четничката војска која соработувала со фашистичките окупатори.

Во сегашноста е на мета на владеачката политика, но реализира и                                         два големи хита, со еден притвор

Лани на филмскиот фестивал во Ниш, Бјелогрлиќ учествуваше и со две филмски премиери, но и со мрачна епизода од која заврши во притвор. Актерот и режисерот Бјелогрлиќ во угостителски објект го нападна колегата режисер Драган Антонијевиќ и успеа да му зададе неколку боксерски удари во лице додека нападнатиот седеше.

Снимките брзо беа објавени, критичарите блиски на власта побрза да го осудат пред судот за нападот, а Бјелогрлиќ помина два дена во притвор пред да добие обвинение за напад. Поради оваа епизода пред и после која се најде на ударот на актуелната српска власт, Бјелогрлиќ не можеше соодветно да се прошета на црвениот филмски тепих во Ниш.

Таму беше премиерата на нешто што имаше кратко име “Тома“, но предизвика огромно  внимание кое се пресели во кино-салите низ повеќе држави излезени од државата во која името на Тома Здравковиќ беше име на боемството и кафеанската музичка традиција.

Бјелогрлиќ го режираше „Тома“ во уште еден обид за историска драма базирана на вистински приказни кои се познати, но кои тој знае одлично да ги преработи во филмски хит.

Уште едно дело, но по книгата на Бора Станковиќ „Нечиста крв“ беше претставено во втората половина на минатат година. Уште едно значајно режисерско остварување на Бјелогрлиќ кое е направено по повеќе дела на познатиот писател од Врање. Во Нечиста крв, Бјелогрлиќ глуми и богат српски властелин на границата со моќното на Балканот тогаш, Османлиско турско царство.

Глумел се, режирал многу па затоа и предизвикот со „Тајкун“ му изгледал голем и дофатлив- како да го одглуми она што им е познато на сите и како на филмските непријатели да им порача дека „Моќта не се дели“.

„Тајкун“ на Телма. Прва епизода во понеделник (23.01.) во 22:10

Кои се другарите на „Тајкун“ во кој се најде место и за македонскиот актер Тони Михајловски. Хит-серијата е за тајкунот кој ќе го разберете, во тајкун-добата на контроверзни ликови
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Маск: Одиме на Марс, животот на Земјата ќе биде уништен

Дејан Дејан

(фото)Истрчани 465 км на шестдневна трка – победничка од Македонија

Дејан Дејан

ТАJНИ АГЕНТИ – сериски филм – од понеделник до четврток во 22:15

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе