Во високото образование постои корупција, но студентите не ја пријавуваат. За тоа има повеќе причини, рекоа од Универзитетското студентско собрание при УКИМ, на онлајн дебатата во организација на Антикорипциската комисија.
Под 1, затоа што не знаат каде. Под 2, затоа што не се воопшти свесни дека нешто е дело на корупција. И под 3, затоа што се плашат од одмазда. Тоа е причина и зошто во прашалниците за евалуација се плашат да дадат ниски оценки. Друг проблем е што во тие прашалници за евалуација, воопшто не е поставено прашањето за корупција, вели Ева Цветковска, претседателката на универзитетското студентско собрание на УКИМ.
Последното истражување за корупцијата во високото образование е направено во 2012 година. Потребно е ново, вели професорот на Правниот факултет Гордан Кајалџиев, кој согласно Законот за високо образование е поставен за антикорупциски офицер на УКИМ.
Немаме системски пристап. Значи, ако гледате не само за корупцијата, слични се работите и во судството. Проблемите ги разгледуваме секогаш од ново, на некој генерален план. На општо ниво и никако да ги спуштиме. Ако сакаме да направиме исчекор треба да се фатиме посистематски, врз база на истражување да ги решаваме, вели професорот Калајџиев.
Покрај корупцијата, независноста на високото образование е загрозена од клиентелизмот.
Независните органи како што се Одбор за евалуација и Одбор за акредитација и Националниот совет се поставуваат ако даде согласност министерот. Немојте да размислувате на тој начин . До кога клиентелизам? Оваа држава ниту почнува, ниту ќе заврши со еден министер, вели професорот на Американ колеџ Маријан Бојаџиев.
За да се намали корупцијата потребна е финансиска афтономност на високото образование, а Националниот совет сеуште нема донесено уредба за финансирање. Три години се доцнело и со формирањето на Агенцијата за квалитет во високото образование, чии органи се одборите за акредитација и евалуација, се пожали директорот Агим Рушити. Според него, работата им зависи од МОН, а кубурат со кадар зашто се само тројца вработени.
Според претседателката на Антикорупциска која беше медијатор на дебатата, корупцијата во високото образование е многу малку третирана во извештаите, а МОН не прави проценка за ризиците од неа.
Сотир Трајков