Бугарската јавност и медиумите со голем интерес ја очекуваат меѓувладината седница на Македонија и Бугарија, која треба да се одржи во вторник во Софија. Велат дека посетата на македонската влада ќе ја следат како исклучително важен настан. Веќе утре попладне, по пристигнувањето на делегацијата во Софија, се закажани средби зад затворени врати. Седницата ќе биде во вторник, во резиденцијата Бојана, по што ќе има и средба меѓу премиерите Ковачевски и Петков. Се очекува двете страни лесно да се усогласат во делот на економијата, за што нашите претставници најавија дека во соседството ќе заминат со конкретни предлози, договори и меморандуми што би ги потпишале. Една од основните теми ќе биде изработка на динамиката и календарот на активности на работните групи кои се веќе формирани за да ги приближат позициите во повеќе сфери во следните шест месеци.
Тамошните медиуми сепак очекуваат дека разговорите нема да останат само на економските теми.
Историските прашања кои се покажаа многу спорни и до моментов меѓу двете страни ќе имаат акцент на средбите. Се` уште не знаеме конкретно за што точно ќе збируваат двете страни, какви точно цели си имаат поставено, но разрешувањето на спорните моменти е од исклучително важно значење. Знаете дека и при посетата во Скопје, Петков кажа дека има некакви договори, но за нешто конкретно може да се зборува во иднина. Се очекува Комисијата која ќе работи на тие историски прашања самa да објави кои се конкретните постигнувања и конкретните договори кои се постигнати до моментов, вели петар антонов, бг он аир.
Бугарската јавност е поделена. Во анкетата направена од БГ Он Ер во декември, 52 проценти од анкетираните бараат на Македонија да и` се постави ултиматум и да се блокира доколку не ги исполни барањата. 31 процент бараат да се продолжи со досегашната дипломатска политика, без значителни резови, а по 8 проценти бараат да се запрат сите разговори или да се прекине со блокадата. Но, новинарите сметаат дека и мислењето на јавноста зависи од резултатот од средбите и информациите што се добиваат.
Тоа кое со сигурност можеме да го кажеме е дека и бугарската страна се надева на решавање на спорните прашања. Се појавија и многу коментари и многу одделни изјави, но за голем дел од тоа може да се каже дека се шпекулации до моментот додека самите две страни не кажат официјално што конкретно е договорено. Но, таа етапа, знаете е болна тема и за Северна Македонија и за Бугарија и се` уште голем дел од коментарите и од конкретните работи со кои не располагаме може да се определат како шпекулации. Крајните цели и очекувања и на бугарската страна и на македонската ќе станат јасни кога ќе имаме конкретни изјави за постигнати договори по работните средби, вели антонов.
Македонската влада пред седницата ги формира групите за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики, за култура, наука и образование, додека од бугарската влада се формирани групи за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европската соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација и владеење на правото и за културата, науката и образованието и младите.
Копретседавачи се министрите, а најавена е динамична работа на работните групи, односно секоја недела една од групите да има состанок, почнувајќи веќе од вторник.
Далиборка Демјанска Цветановска