Култура

„ Идиот“ на Андреј Цветановски е претстава поголема од нас самите

Во Новосадското  позориште „ Ујвидеки Шинхаз“, на 12 јануари беше одиграна премиерата на претставата „Идиот“, во режија на нашиот режисер Андреј Цветановски, а работена по романот на неприкосновениот руски класик, Фјодор  Михајлович Достоевски. Во авторската екипа на овој проект се Сергеј Светозарев како сценограф, Благој Мицевски како костимограф, Димитар Андоновски како композитор, како и Јована Ракиќ како кореограф.

Режисерот пред премиерата посака неговата претстава да и помогне на публиката да ја сфати чистата невиност на главниот јунак и да ја почуствува неговата љубов и добрина, а директорот на театарот, Валентин Венцел, после претпремиерата, изјави дека ова е големо враќање на драмскиот театар во однос на постдрамскиот. И нивните желби се остварија. Низ повеќе од три часа гледање на претставата, која овој силен роман го претвара во театарско дејствие, звуци,слики, движења, цело време имате чувство дека се случува нешто многу поголемо од нас, самите. Се случува метајазик, метатекст, метеатар – метафизика, вели рецензентката Емилија Квочка во текстот за претставата што го објави српскиот портал „ Сакам театар“.

Сценографијата на Сергеј Светозарев, преполна со огледала, одрази, темни сенки, рамки низ кои се поминува, премини зад кои исчезнуваат луѓе и повторно се појавуваат (како духови), сè тоа подзасилено со фантастичната авторска музика на Димитар Андоновски. Широката голема сцена на Новосадското позориште е аристократска куќа или двор, со бројни прозори и врати кои создаваат ефект на огледало. Костимите на Благој Мицевски се повеќеслојни, верни на дизајнот на претставата и на концептот темно- светло и со својата грандиозност додаваат на епската слика на претставата, истакнува Квочка во рецензијата.

Ама пред сè и над сè, пред нас се волшебните актери на Новосадското позориште, скоро цел ансамбл, кои на книжевните ликови им ги подарија своите тела и души и кои сигурно никој не оставија рамнодушен. Тука се раскошните креации, техника и талент на многу од нив, но ќе ја издвоиме големата четворка протагонисти: Габор Понго како кнез Мишкин, Габриела Црнковиќ како Настасија Филиповна, Роберт Ожвар како Рогожин и Јудит Ласло во улогата на Аглаја. Oсвен овие протагонисти во претставата играат Атила Немет, Силвија Крижан, Агота Ференц, Даниел Гомбош, Иштван Кереши, Ливиа Банка, Атила Гириц, Атила Маџар, Даниел Хуста, Бенце Салаи, Терезиа Фигура и Мелинда Шимон, како и студентитѕе од Академија на уметности во Нови Сад Роланд Ласло, Даниел Тот, Фани Дупак, Регина Сабо, Даниел Дудаш и Бланка Хорват.

Приказната, како и претставата, исклучително е тешка. Заумна. Стануваме светсни што се случува од другата страна на огледалото Режисерот не води во светот на длабоката психологија на човечката душа каде сите луѓе се добри и затрупани во злоба.

Новосадско позориште не враќа на класиците и на традиционалниот театар. Габор Понго како Мишкин ја преиспитува нашата добрина. Режисерот водејќи се од книжевната предлошка, суптилно ни поставува бројни прашања за нашата душа. Постои ли некој кој може да се идентификува со ликот на Лав Николаевич Мишкин? Постои ли таков идиот? Постои ли таков безгрешен човек? Дали сме вредни за сожалување? Има ли надеж во нас? Има ли вера во нас, прашува авторката Емилија Квочка во рецензијата за претставата .

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Третманот на децата во образовниот систем низ премиера во Драмски театар

Дејан Дејан

Силјановска: Книгите што ги читаме, на кои се навраќаме, многу повеќе говорат за нас, од било кое CV

Дејан Дејан

Третманот на децата во образовниот систем низ премиера во Драмски театар

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе