За 16 дена, бројот на активни случаи се зголемил за над 11.000. Ако на 31 декември 2021 година, бројот на активни случаи беше 5.006, вчера тој изнесуваше 16.132. Процентот на позитивност за време на викендот е околу 22 процент.
Во претходното деноноќие беа регистрирани 1.348 нови случаи на КОВИД-19 од направени 6.141 тестови или речиси 22 проценти. Од вкупниот број на позитивни регистрирани се 145 реинфекции. Битката со ковидот ја загубија осум пациенти. Се уште остануваат апелите за вакцинација, бидејќи според статистиката за изминативе месеци, 53.514 граѓани, односно 63 отсто од позитивните на КОВИД-19 не биле вакцинирани. Анализата на Министерството покажува дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема.
Поради брзото ширење на омикронот, се очекува надлежните да соопштат неделава дали на време ќе почне второто полугодие од учебната година, на кој начин ќе се одвива наставата или ќе има одложување. Здравствените власти истакнуваат дека притисокот врз болниците е намален што се однесува до хоспитализациите, но зголемени се амбулантските прегледи, кои се движат и до стотина пациенти на ден во една установа.