Вести Македонија

Само еден градоначалник во Македонија и 5 пратеници не се активни на социјалните мрежи- проверете кои политичари паднаа на модерните средства за комуникација

Носителите на извршната власт – Претседателот и Владата во целост биле онлајн, а бројот на активни градоначалници на социјалните медиуми пораснал за 3 споредено со 2020 година и изнесува 80 од вкупно 81. Политичарите и јавните институции се присутни на социјалните медиуми само кога сакаат нешто да соопштат, да се одбранат или да нападнат, а мислењата од граѓаните речиси се неважни, покажа редовната годишна Анализа на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).

Сите општини и владини институции имаат активни веб страни, но многу често тие алатки се користат за функционерска себепромоција наместо за потребите на граѓаните.  Проблем е и кога ќе биде променет функционерот кој раководи со определена институција (било избори, смена или оставка) па официјалните веб-страни остануваат заглавени.

„Повторно наидовме на веб страни на јавни институции кои не се фокусирани примарно на потребите и услугите за граѓаните, туку главно кон промоција на функционерите, односно објава на класична промотивна содржина. Она што годинава се забележува е дефинитивната потреба од изработка на усогласени правни процедури за примопредавање на корисничките сметки на јавните институции на социјалните медиуми. Ова е особено важно бидејќи политичарите често ќе се менуваат од раководните функции, но институциите мора да имаат континуитет. Ова е нормална демократска пракса во развиените земји и мислам дека е крајно време да ја спроведеме и кај нас, без притоа да зависи од човечката волја“, вели Бојан Кордалов, комуниколог и автор на оваа Анализа изработена за потребите на ИДУЕП.

Најпопуларен и натаму останува фејсбукот, а општините се почесто имаат и сопствени Youtube канали. Претседателот Пендаровски и 13 министри (со досегашниот премиер Заев) имале официјални профили на сите три најразвиени и најпознати западни социјални мрежи (ФБ, Instagram, Twitter). ИДУЕП не мерел и не проверувал дали македонските политичари имаат профили на социјалните мрежи развиени во Русија или Кина (како vk.ru).

Претседател

Кај Претседателот на Републиката, Анализата покажува позитивно непроменет резултат. И во 2021 година, како и претходните две, претседателот бил истовремено присутен со своја официјална веб страна, како и онлајн активности на Фејсбук, Твитер и Инстаграм.

Собрание

Пад за 4 споредено со 2020 година или 115 од вкупно 120 пратеници во Собранието биле активни на Фејсбук минатата година. Анализата покажува и пад за 2 на бројот на активни пратеници на Твитер, односно вкупно 24 биле активни на оваа социјална мрежа. Состојбата на Инстаграм останува непроменета каде свои онлајн активности во 2021, како и во 2020 година имале 35 народни избраника.

Анализата покажува дека вкупно 11 од 120 пратеници истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека 5 народни избраници немале свој профил/страна или канал на било кој од социјалните медиуми во 2021 година. Споредено со 2020 година, се бележи пад и во овој сегмент (15 биле активни на сите наведени платформи, а само 1 граѓаните не можеле да го контактираат преку Фејсбук, Твитер или Инстаграм).

Влада и министерства

Раст на онлајн комуникацијата со граѓаните преку социјалните медиуми е забележан кај Владата. Секој член на владиниот кабинет или 20 од вкупно 20 министри биле активни на Фејсбук и во 2021 година. Твитер бил изборот на 16, додека Инстаграм на 15 министри, што е раст за 1 споредено со 2020 година. 13 министри биле истовремено активни на сите наведени платформи, што е подобрување за 3 споредено со 2020 година кога вкупниот број на активни министри на наведените платформи изнесувал 10. Сите министерства имаат профили на социјални мрежи.

Социјалните дигитални мрежи се битни за комуникација со младите

За прв пат нема случај кога некое министерство не нуди можност да биде контактирано од граѓаните преку социјалните медиуми, што претставува напредок споредено со 2020 година кога таква можност не нудеше 1 министерство, а особено со 2019 кога оваа опција не ја обезбедувале дури 5 министерства.

„Како земја се соочуваме со зголемена политичка апатија кај граѓаните, а особено тоа е евидентно помеѓу младите луѓе. Токму правилната активност на социјалните медиуми може да биде начин како да се привлечат младите да ги следат, но и да се вклучат во општествените активности. Социјалните медиуми се простор за интеракција, но мора да се сфати дека тие прераснуваат и во место каде се пријавуваат проблеми, даваат идеи и иницијативи – со еден збор тоа се места каде се обезбедува понепосредна демократија и можност за граѓаните, организациите и компаниите да се вклучат во процесите на одлучување. Зарем уште треба да се потсетуваме дека во ера на дигитализација, недозволиво е граѓаните кои сакаат онлајн да ги контактираат јавните институции, тоа да не им биде овозможено“, истакна Бојан Кордалов, автор на Анализата спроведена за потребите на ИДУЕП.

Градоначалникот Ангелов и пратеникот Панчо Минов без дигитален контакт

Малата општина со двојно име Чешиново-Облешево е единствената чиј градоначалник, Далибор Ангелов нема ниту еден профил на социјалните мрежи.

Статистиката покажува дека вкупно 5 градоначалници минатата 2021 година истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, што е пад за 1 споредено со 2020 година. Во 2021 година само 1 градоначалник немал свое присуство на ниту еден од социјалните медиуми, што е подобрување споредено со 2020 година кога бројката била 3, а особено со 2019 година вкупно 7 градоначалници не биле активни на ниту една социјална платформа.

Кај општинското онлајн присуство се забележани следните статистики за 2020 година: Активни веб страни имаат сите 81 општина, 60 се присутни на Фејсбук, 4 на Твитер, а 11 општини нудат можност да бидат контактирани преку социјалната мрежа Инстаграм.

Панче Минов е единствениот пратеник за кој истражувањето утврдило дека со сигурност нема ниту еден профил на социјалните мрежи. Минов е дел од владеачкото мнозинство иако настапува како независен пратеник од Кавадарци и Тиквеш.

Останатите пратеници за кои е утврдено дека или немаат или нема податоци дека користат свои дигитални профили на социјалните мрежи се Стојан Миланов, Соња Мираковска, Драгољуб Филиповски и Ели Панова.

Меѓу оние кои имаат официјален профил е и Кастриот Реџепи- клучниот пратеник(61) во собраниско-политичката драма кој кога требаше да се гласа за недоверба на владата се јавуваше преку своите Фејсбук и Твитер социјални профили. На инстаграм нема, иако според анализите на ИДУЕП, инстаграм е втора по популарност социјална мрежа во македонската политика, додека Твитер стои најслабо, иако во светот е познато дека Твитер има голема привлечност за интелектуалците.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Штериева: Банките ги разгледуваат тарифите за намалување на провизиите

Дејан Дејан

Три министерства во „реформски минус“ од 40 милиони евра

Дејан Дејан

Следното покачување на пензиите да биде според законското решение, да го нема линеарното до 2.500 денари

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе