Светската куќа на фудбалот (ФИФА) денеска ги објави имињата на тројцата финалисти за наградата „Најдобриот“.
Добитникот на „Златната топка“, Лионел Меси за признанието ќе се бори со ланскиот победник Роберт Левандовски од Баерн Минхен и ѕвездата на Ливерпул, Мохамед Салах.
Останатите финалисти беа објавени изминативе денови. Па во категоријата најдобар тренер номинирани се Пеп Гвардиола, Томас Тухел и селекторот на Италија, Роберто Манчини. За најдобар голман финалисти се Џанлуиџи Донарума, Едуард Менди и Мануел Нојер.
Во изборот гласаат селекторите и капитените на сите национални селекции, новинари и навивачи. Наградите ќе бидат доделени на 17 јануари во Цирих, Швајцарија.