Австралиските власти го одбија барањето за виза за престој во Мелбурн на најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ и тој мора да ја напушти Австралија.
По повеќе од 10 часа престој на аеродромот Туламарин, во текот на кои граничните власти на оваа држава го проверуваа барањето за влез во Австралија на Ѓоковиќ, тој ќе мора да си замине без да добие можност да ја брани титулата освоена на минатогодишното отворено првенство во тенис во Мелбурн, првиот од четирите гренд слем турнири.
Според првичните информации, проблемот беше во несоодветната виза на еден член од тимот на Ѓоковиќ, но сега се тврди дека на граничните власти тој не им доставил доволно докази според кои би бил оправдан неговиот влез во Австралија , иако не е вакциниран против Ковид-19, што е предуслов за сите посетители на земјата.
Претходно, српскиот тенисер доби специјално изземање и дозвола за учество на тенискиот турнир, од страна на две посебни комисии на државата Викторија и тенискиот турнир Австралија Опен, но залудно, откако во целиот случај се вмеша и премиерот на Австралија , Скот Морисон, кој се закани дека Ѓоковиќ и покрај тоа може да биде вратен назад со првиот следен авион.
Медиумите јавуваат дека адвокатите на Ѓоковиќ ќе поднесат жалба на одлуката , но шансите таа нешто да промени се проценуваат како минимални.
Ѓоковиќ досега во текот на својата кариера 9 од своите 20 гренд слем титули освои на турнирот во Мелбурн, но овој пат нема да добие ниту можност да се бори за уште една титула.