Јордан Камчев побарал да биде прегледан од лекарот на клиниката Систина кој подолго време го следел неговото здравје се до неговото влегување во притвор, а Кривичниот суд се согласил со ваквото барање и покрај тоа што притворениот е дел од бордот на директори на болницата. Ова го потврдуваат од судот од каде нема повеќе детали зошто овој пат дозволија преглед на приватно иако претходно, секогаш го упатуваа Камчев на државните клиники.
Лекарите го прегледале и препорачале негово задржување за да се извршат дополнителни медицински анализи и процедури потребни за утврдување на неговата здравствена состојба која била оценета како влошена. Пред 15-на денови Камчев исто така бил хоспитализиран, но на државната клиника за кардиологија, а на тие прегледи присуствувале и лекари од Систина.
Во меѓувреме од апелациониот суд за Телма потврдуваат дека за последната жалба на притворот на Камчев ќе одлучуваат од понеделник. Од таму не откриваат дали при одлучувањето за притворот ќе се земе предвид службената белешка од АНБ која беше клучен доказ за притворот на Камчев. Ова доаѓа откако од Вховниот суд овој месец донесоа ваков заклучок.
Службена белешка не може да се изведува и да се цени како доказ во постапката пред судот.
Врховен не ја објаснил потребата од ваквиот заклучок, ниту пак одговара по чие барање е, и дали ќе важи и во случаите кога се одлучува за притвор. Само пишува дека е во врска со примена на членот 382 од Законот за кривична постапка кој пак го утврдува изведувањето на докази во доказна постапка.
Инаку камчев е во притвор од 14 март како осомничен за предметот „Плацеви на Водно“. Со него обвинете и екс началникот на УБК Сашо МИјалков кој пред 2 дена излезе од притвор со прифатена гаранција од 11 милиони евра. Обвинет е и екс премиерот Никола Груевски кој е во бегство. Следното рочиште од предметот поради празниците е закажано за средината на јануари.
Билјана Николовска