Скопјани и денес дишат загаден воздух. Главниот град е десетти најзагаден европски град според попладневните мерења на веб-страницата IQAir. Високата концентрација на отровните честички со денови наназад донесе и интервентни мерки кои од денес веќе престануваат да важат. Во меѓувреме, градските власти доцна синоќа го изгласаа буџетот за 2022 година, според кој драстично се намалени некои од ставките кои се однесуваат на животната средина, а тука спаѓаат и парите наменети за борба против аерозагадувањето. Лани за ова биле одвоени 213 милиони денари, но градоначалничката Арсовска во својот прв буџет одделува 73 милиони денари. Според невладината организација „Еко-свест“, надлежните најпрво треба да вложат повеќе напори за системски да дојдат до решение на проблемот, а и да ги финансираат крупните проекти. Интервентните мерки кои важеа нецели три дена ги споредија со „гаснење пожар“, а апелираат за итно воведување на Фонд за животна средина.
На општините треба да им остане обврската да финансираат проекти за животната средина онака како што е испланирано според нивните приоритети, но формирање на Фонд за животна средина ќе значи и можност да се знае од каде треба да бидат финансирани крупните зафати во делот на животната средина.
Воздухот нема партиска позадина и за истиот потребен е натпартиски консензус вели Смилевска и според неа основно е да се обезбедат најпрво мониторинг станици за квалитетот на воздухот, што е првиот чекор за да се знае каде и како треба да се делува.
Петар Догов