Денеска е последниот ден во клупите од ова полугодие за учениците во основните и средните училишта. Од утре се на тринеделен зимски распуст. Во училишните клупи ќе се вратат на 20 јануари 2022.
Поместување на зимскиот распуст односно одложување на почетокот на второто полугодие засега не се планира зашто, според надлежните, состојбата со КОВИД-19 и натаму е стабилна иако сојот омикрон е потврден и во земјава, а според експертите тој побргу се шири.
Учебната година по препорака на властите почна на 1 септември со отворени училишта и настава со физичко присуство за сите ученици организирана според утврдени антиковид-протоколи. Според МОН, процентот на нови позитивни случаи од КОВИД во училиштата не се зголемувал повеќе од 0,03, а активни случаи со КОВИД кај учениците со физичко присуство во првото полугодие не надминал 0,3 проценти.