Откако Телма на својата веб-платформа го објави демантот од Перо Арсеновски, директор на ООУ Лазо Ангеловски во Ново Лисиче, реагираше адвокатка на негова жртва одноно поранешна вработена во училиштето.
-Нема каде не се доставени податоци и информации за однесувањето на директорот на училиштето, но никој досега не реагирал односно ниту една институција не презела ниту едно дејство со што е овозможено продолжување на делата на директорот, а жртвите дополнително се виктимизирани, ни изјави Марта Гусар, адвокатка на поранешна вработена во училиштето.
Таа тврди дека и со своето вчерашно обраќање во кое ги вмешал и жртвите односно директно нејзината клиентка, Арсеновски продолжува да прави насилство и и дополнително ја виктимизира нејзината клиентка.
Адвокатката Марта Гусар ни откри дека всушност експлицитните фотографии се снимани внатре во училиште додека се одржувале часови. Но за тоа треба да се вратиме наназад.
Во септември 2019-та кога сопругата и ќерката на директорот Арсеновски нападнале вработена во училиштето, Арсеновски не ја известил инспекцијата и надлежните органи во МОН, објави коалицијата Маргини, во својот извештај од декември истата година кога побара институционална реакција.
При тој напад, двете жени-напаѓачи носеле копии од експлицитни фотографии кои биле расфрлани во училишниот двор, па до нив имале пристап и ученици. Ќерката на директорот веќе е осудена прекршочно и правосилно за тој физички напад.
Во демантот од вчера, Арсеновски тврди дека на експлицитните слики има само една поранешна вработена која е под истрага и дека само таа го гони од лични причини.
-Фактот дека излезе да демантира и да тврди дека неговите жртви сами се сликале прво е невистина, второ: затоа што неговите сопруга и ќерка потврдија дека се од неговиот телефон (на Арсеновски) и сето тоа (фотографирање) се случувало во рамки на образовниот процес и зградата на училиштето додека трае наставата и децата, учениците биле на часови. Со лажните негови изјави од вчера се врши дополнителна виктимизација на жртвите. Тоа што го направи директорот е директно кршење на Истабулската конвенција со што се продолжува насилството кон жртвите односно кон мојата клиентка која веќе е и отпуштена од школото од негова страна и поранешна вработена во ООУ Лазо Ангеловски, истакна адвокатката Марта Гусар.
Од друга страна, содржината на експлицитните фотографии пак го демантира демантот на директорот Перо Арсеновски. Тие фотографии согласно етичките правила за телевизиско емитување (замаглени и анонимизирани) беа објавени и во вестите и во емисијата КОД на ТВ Телма.
На повеќе десетици фотографии се забележливи најмалку три женски лица (не едно како што наведува Арсеновски) а на голем дел од експлицитните фотографи се гледа училишен ентериер, како подови, клупи, прозорци, радијатори за парно и слично.
Во својот вчерашен демант, директорот Арсеновски воопшто не ги спомна ниту наводите на Маргини, невладината организација која уште во декември 2019-та бараше реакција на надлежните за случувањата во ООУ Лазо Ангеловски во Лисиче.
Во својата реакција коалицијата Маргини ги навела сите пријави (не една и не само од еден родител или вработена) за несоодветно однесување на Арсеновски како директор, а беа наведени и два регистрирани случаи на насилство од негова страна во периодот пред да стане директор.
Што се однесува до документите кои ги достави до Телма Арсеновски (судско решение за прекин на времена мерка, изводи од казнена и прекршочна евиденција и извештај за инспекција од Државен пазарен инспекторат), сакаме да појасниме дека двете кривични дела семејно насилство за кое бил суден и индиции за извршено дело насилство за кои бил пријавуван се во период од 2006-та до 2013-та поради што или настапила застареност (доколку не е покрената навремена судска постапка) или пак било дозволено бришење од казнена евиденција. И двете дела насилство и семејно насилство се извршени врз жени.
Судскиот случај во кој е донесено па поништено решение со времена мерка забрана за приближување, се уште е активен, а апелација го отфрлила и поништила решението затоа што сметала дека насилство кон жени-вработени во школото (родово базирано) не смее да се поврзува со семејно насилство иако времените мерки и за двата големи општествени проблеми се исти и се поврзани со новите законски измени по ратификуваната Истанбулска конвенција.
Од друга страна просветната инспекција во својата „ослободувачка“ одлука не соопштила дали се најдени експлицитни фотографии поврзани со училишниот ентериер ниту пак утврдиле неправилности во работата на училиштето. Жртвата поднела пријава за мобинг, но кога просветната инспекторка дошла во училиштето – и било одговорено дека нема таква пријава доставена до раководството на ООУ Лазо Ангеловски.
Но, адвокатката на поранешната вработена не извести дека доказ дека е примена и доставена пријавата за мобинг со свој допис го испратила во просветната инспекција иако тоа ништо не променило и одлуката останала. И покрај упорните барања на адвокатката во изминатите две години за да се направи инспекција во школото и да се констатираат пријавените неправилности, тоа никогаш не е извршено од страна на надлежниот Државен пазарен инспекторат.
-Пријавено е на сите, на министерката, на инспекторатите за труд и за просвета, на општина Аеродром и до старото и до новото раководство, и до Министерството за образование и наука, до ООУ Лазо Ангеловски каде всушност се случувале необразовни работи, до сите надлежни и сите всушност го продолжија делото на насилство со непреземање на дејствија, ни истакна адвокатката Марта Гусар.
Иако за проблемот се знае и се објавува повеќе од две години,тој се уште не е расветлен, а новата општинска власт дури и реализираше конкурс на кој му овозможи на Арсеновски пак да конкурира за директор иако можел да го прекине и да го разреши од функцијата. Сега градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски бара помош од Министерството и најавува дека ќе го разреши Арсеновски сам доколку нема реакција од министерството, иако по пријавите може и веднаш да реагира, но не го сторил тоа, засега од необјаснети причини.
Сите се бранат со законот за сопственото непостапување- а на крај преку демант, директорот Арсеновски тврди дека во тек е линч против него со помпезни политички конструкции.
Миомир Серафиновиќ