Кардиохирургот Сашо Јовев, коментирајќи ги најавените законски измени, рече дека трансплантациите мораат да се вршат под државна капа, а вели дека истиот став го има и евротрансплант комисијата. Во гостувањето на Топ Тема д-р Јовев посочи дека таков е системот во сите западни земји.
Со целиот респект спрема сите колеги, сепак трансплантацијата е нешто што треба да се прави на Универзитетската клиника, нешто што треба од државата да биде регулирано. Не е тоа работа која што би можела да се прави секаде, и така е во сите земји на запад. Значи кој и да ви каже пример дека некаде се врши на приватна клиника, тоа е нешто сосема друго. Некои универзитетски клиники се големи концерни кои што и покрај тоа што државата е најголемиот сопственик, има и инвестиции од некои приватни фондови. И некој кога ќе ви каже дека во некои од тие приватни болници се врши трансплантација, тоа е тоа, инвестиција од приватен фонд во универзитетска клиника, државна клиника, вели д-р Јовев.
Според начинот на кој Министерството за здравство се обиде да ги промовира измените на законот, може да се процени дека ќе биде дозволено некои од транплантациите да се извршуваат на приватните клиники. Д-р Јовев вели дека нема потреба од такво нешто, сите клиники се физички блиску, а секој донор кај кој била констатирана мозочна смрт секако мора да биде донесен на Клиниката за анестезија и реанимација.
Таа е централна клиника за интензивна нега во републиката и сите оние пациенти кои што се дијагнистицирани со мозочна смрт, што значи претходно имале многу сериозна патологија, во 99 проценти завршуваат таму. Иако вака звучи културно, ќе речеме да, може да имаме флуктуација на кадри, да, можеме да си помагаме, немаме ништо против тоа. Меѓутоа сето тоа нема да биде онака убаво како што би било замислено. Значи сепак треба да се биде ригиден тука. На универзитетски клиники под капа на државата, вели д-р Јовев.