Македонија

Уште една шума на Водно падна пред пилите на градежните инвеститори

Пред две недели се обидоа да го спречат сечењето на шумата, како вовед во градежни активности за објект на Водно, а денеска беа поразени. Сечата почна. Жители на улицата „ Питу Гули“, на Големо Курило на Водно, утрово пред 7 часот ги разбудил звук на механизација која го чистела теренот во шумата, а инвеститорот на објектот – фирмата Маркеза си донела обезбедување за непречен старт на активностите, се жалат жителите. Тие револтот од градежните зафати до сега го искажале пред градоначалниците на Општина Центар , Жерновски и Богдановиќ, во чиј мандат беше дадено одобрение за градба, а вчера се обиделе да се сретнат и со актуелниот  Горан Герасимовски. Но, тој како ковид позитивен не бил на работа.

Објектот е веќе ограден и започнуваат градежните работи. Се чини дека градоначалниците само ветуваат додека да дојдат до местото кое го намерачиле од икс причини, а никој не доаѓа на тоа место за корист на граѓаните. Сите доаѓаат за корист на големите градежни компании и за тоа што некој направил пари и да се збогати уште повеќе, вели Леана Таки, жителка на Водно.

Според Таки, чиј двор од куќа граничи со парцелата каде Маркеза сака да гради, инвеститорот лажно прикажува дека ќе подигне објект за приватно домување. Од увидот дознале дека противзаконски, на непристапен терен, ќе се гради објект со два ката под земја и 4 над земја и со предвидени 20 паркинг места. За градењето треба да се пробие улица кај веќе постоечката слепа и да поминува во дворовите на поранешната вила на Тито и на семејството Таки и да продолжи нагоре до спорните „Плацеви на Водно“, за кои се води судска постапка против Груевски, Мијалков и Камчев.

Низ годините се обидоа најпрвин да земат дел од нашите дворови, а претходно не ни дозволија ние да ја дооформиме нашата парцела и нашите дворови. Затоа што се сметаше дека тоа е земјиште од јавен интерес, вели Таки.

Објектот е во рамките на ДУП-от од 2014 година донесен со ист број гласови за и против, додека претседавачот Шиповиќ беше под истрага. Планот сепак е потврден од Уставниот суд. Од Шанса за Центар побараа Општината да застане зад интересот на жителите.

Бараме итно да се запрат сите градежни активности на Водно. Да се запре со сечење на шумата на Водно. Се води судски спор “Плацеви на Водно” , со кој се истражува и преиспитува законитоста па постапките за продажба на земјиштето. Со тоа бараме да не се превземаат никакви активности во подрачјето, сѐ до правосилно завршување на судскиот процес. Сето ова е во прилог на заштита на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните, велат од „шанса за центар“.

А, од Општина Центар велат дека овластен градежен инспектор бил утрово на терен  и по завршување на увидот, ќе излезат со соопштение. Тоа малку ќе го утеши семејството Таки и соседите зашто пред нивниот двор има уште еден плац за кој чека одобрение за градба фирмата „ Мира Луна“.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Огнот под контрола – над 60 пожари изгаснати

Дејан Дејан

По изјавата на Георгиев, МНР му пренесе официјален протест на бугарскиот амбасадор во Скопје

Дејан Дејан

Мицкоски: Европската комисија нека избере Судски совет и обвинители

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе