Перо Арсеновски, актуелниот директор на најголемото скопско училиште ОУ Лазо Ангеловски во Ново Лисиче, повторно ја добил довербата на училишниот одбор за нов директорски мандат иако има скандалозно досие со напади и сексуално вознемирување на вработени и мајки на ученици.
Градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски најави дека нема да дозволи да помине одлуката и ќе назначи в.д. директор.
Иако за Арсеновски има и времена мерка од граѓанскиот суд со забрана за приближување до пријавител на вознемирување како заштита од можно родово насилство, тој се пријавил на конкурсот за избор на директор на ОУ Лазо Ангеловски.
Исправка по демант на Арсеновски: Мерката е укината од Апелациониот суд и вратена на повторно одлучување.
Неговиот актуелен мандат завршува на 3-ти февруари 2022- ра додека огласот за нов директорски мандат е распишан во ноември. На огласот се пријавиле тројца кандидати кои ги исполнувале условите.
И наместо да не му даде шанса на директорот Арсеновски, поради големите поплаки пред се за вербални напади но и за сексуално вознемирување на мајки на ученици и на вработени жени, Училишниот одбор го избрал повторно за директор.
Исправка по демант на Арсеновски: Помпезните содржини воопшто не соодвестуваат на вистината. Информациите кои сте ги добиле се резултат на една конструирана приказна со политичка позадина. Не постојат пријави, ниту пак имам скандалозно досие со напади и вознемирување на вработени и мајки на ученици. Една единствена пријава за која се води постапка е онаа на поранешна вработена во училиштето чие Решение од Основниот суд со кое се изречени времени мерки е укинато од страна на Апелациониот суд Скопје.
На гласањето на конкурсот, Арсеновски го победил најблискиот против–кандидат со тесна разлика. 4:3 било во негова корист.
За нов мандат на контроверзниот директор гласале тројца наставници во школото и еден родител, додека двајца родители- членови на Училишниот одбор и претставникот на општина Аеродром гласале за друг кандидат.
Градоначалникот на Аеродром Муцунски соопшти дека во интерес на учениците нема да дозволи нов мандат на Арсеновски.
-За оваа моја одлука го информирав и Министерството за образование и наука и доколку тие не одлучат да ја преиначат мојата одлука, во најбрз рок во училиштето ќе именуваме в.д. Директор од редот на вработените. Во иднина нема да дозволам несоодветни кадри да бидат поставувани на високи позиции, особено кога станува збор за образовни институции, соопшти Муцунски преку фејсбук објава.
За случајот со директорот на ова училиште истражување во две продолженија објави и емисијата Код на Телма во која беше откриено дека директорот има и галерија на фотографии со експлицитна содржина од вработени кои на тој начин се вработувале, а беа објавени и потресни сведоштва за непристојни предлози, закани и омаловажувања од страна на директорот кон неговите вработени.
За неговото однесување алармираа повеќе вработени жени кои биле малтретирани и сексуално вознемирувани. Посочениот директор пакпостојано тврдеше дека го местат со лажни обвинувања за работи кои не се случувале и се измислени за да му наштетат.
-Барав да го почитуваат работното време и работните обврски поради што прават вакви работи, истакна Арсеновски во февруари 2020-та година.
Од друга страна, мајка на ученик сведочеше за КОД дека го отпишала детето од ОУ Лазо Ангеловски поради големите скандали и делењето на спорни фотографии, чии копии дури биле расфрлани пред ученици.
Коалиција Маргини и Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2019 објавија извештај во којшто побараа институциите да го истражат проблематичното однесување на директорот, но и покрај сите укажувања Арсеновски остана на чело на најголемото училиште во Скопје и во државата.
Првата емисија КОД со сведочења на вработени и мајки на ученици беше објавена во февруари 2020-та година.
Надлежните не презедоа мерки, а потоа на интервју за второто продолжение, директорот Арсеновски се согласи да зборува со новинарот Огнен Чанчаревиќ. (трет прилог во емисијата на долниот линк)