Скопје повторно во „лошо“ друштво на листата на десетте најзагадени градови во светот. Со вредноста на индексот 179 на светскиот сервиз за следење на аерозагадувањето IQAir, шести на листата на загадени градови повторно ги отвори болните прашања зошто не се реагира навремено со системски мерки и кои се загадувачите кои треба да бидат санкционирани.
Долгиот период во кој имавме чист воздух се должи само на фактот дека имавме ветер, велат екологистите.
“Ние секогаш алармираме дека малку средства се одвојуваат за животна средина, за заштита и од загадување и за да се сведе се на минимум треба време. Еве пример ги шириме сообраќајниците, а за сметка на тоа имаме повеќе население, повеќе сообраќаен метеж сето тоа се одразува на воздухот. Исто и со градењето, ослободување прашина во воздухот. Сето тоа доведува до ова” – вели Невена Георгиевска од О2 иницијативата.
Секторот за животна средина ќе располага со трипати помалку пари во 2022.
Во последниот свој буџет во 2021 за оваа намена Шилегов избуџетирал 213 милиони денари, додека Арсовска во својот прв буџет ќе оддели само 73 милиони денари .
И додека главниот град бележи огромно загадување партиите со меѓусебни препукувања чија е вината за загадениот воздух, поранешниот градоначалник Шилегов на својот Фејсбук профил реагираше на енормното загадување и напиша „go green…“, денес градоначалничката Данела Арсовска му порача.
“Не би смеело да си дозволи човекот кој што во изминатите години дозволи Скопје да биде град кој што има највисока ставка на загадување во овој дел на Европа и меѓу најзагадените градови во светот за кое имал можност 4 години да преземе мерки и се остави на природните услови, дали ќе биде ветровита годината или не, како системска мерка. Она што Град Скопје сега го презема се комплементарни мерки за следната година да не се соочуваме со вакво загадување како сега” – рече Арсовка.
Во меѓувреме граѓаните бараат начин како барем на неколку часа да бидат на чист воздух на падините на Водно.
За екологистите најважно е да се има јасна стратегија кои мерки треба да бидат преземени за квалитетен воздух и чиста животна средина, посебно во период кога целиот свет будно ги следи сите климатски промени.
Нина Стефанова