Со аплауз на пратениците од опозицијата беше соопштена веста дека се констатира оставката на премиерот Заев.
Со неговата оставка , во оставка е целата Влада која технички ќе ги извршува функциите до изборот на нов владин кабинет.
Претходно процедурално реагираше ВМРО ДПМНЕ.
Повикувајќи се на членот 93 од Уставот побараа седницата да продолжи со пратенички прашања.
Со оставката почнуваат да течат роковите за избор на нова Влада. Претседателот на државата е должен во рок од 10 дена да го довери мандатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието, во конкретниот случај најверојатно тоа ќе биде лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски.
Мандатарот е должен во рок од 20 дена да му поднесе на Собранието програма и да го предложи составот на Владата.
Седницата за избор на Владата се одржува во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот за состав на Владата и програмата.
Расправата трае два дена.Во партиите во тек се внатрепартиски консултации за изборот на новиот владин кабинет кој се очекува да се избере до средината на јануари.
Јулијана Пешевска