Претседателот Стево Пендаровски смета дека во решавањето на спорот со Бугарија со цел одблокирање на процесот за почеток на преговорите за членство на земјава во Европската унија не треба да се брза, затоа што, како што вели, кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не е секогаш најдобриот сојузник. Наместо тоа, нагласува Пендаровски, треба да се работи на клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани.
Тој нагласи и дека не држат тезите дека пролонгираната состојба на статус кво, наводно, може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата. И доколку ваквата ситуација потрае, потенцира Пендаровски, нам не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нон-пејпери кои некои упорно ги лиферуваат.
Откако нашиот пат кон ЕУ унија беше неправедно блокиран, сите ние, целата нација, политичарите и на власт и во опозиција, во последниве две години, освен разочарани, станавме и опседнати околу тоа кога во Брисел ќе биде дадено зелено светло за почеток на преговорите. Јавноста е сведок дека јас сум еден од оние кои во изминативе децении бил конзистентен во ставот дека Унијата е најдобрата опција за нас и искрено, едвај го чекам денот кога ќе ги отвориме, а уште повеќе денот кога ќе ги затвориме преговорите за членство. Меѓутоа, во актуелниот контекст, кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани, порача Пендаровски во редовното годишно обраќање пред пратениците во Собранието.
Тој нагласува дека од почетокот на бугарската блокада, до денес, се залага за внимателен и обмислен пристап во преговорите, без нагли пресврти, затоа што, според него, се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес, а кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не ви е секогаш најдобриот сојузник.
Претседателот се осврна и на тезата, повразна со, како што рече, блокадата на европските интеграции, а се однесува на тоа е дека пролонгираната состојба на статус кво, наводно, може да предизвика безбедносна дестабилизација на државата.
Денес овде пред вас, сакам јасно да кажам дека се работи за анализи и предвидувања кои не се втемелени во реалноста и кои можат само непотребно да ги вознемират граѓаните. Ние сме членка на НАТО, директно граничиме со три членки на Алијансата, а во Европската унија сите членки освен една, сметаат дека за почетокот на тој процес имаме направено повеќе демократски реформи од било која друга држава-кандидат, во моментот кога требала да ги започне преговорите. Немаме дилема околу тоа дека европските интеграции немаат издржана алтернатива за нас, но, тие секако имаат своја цена. Ако таа цена значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции. Неодамна, со апсолутен консензус усвоената Резолуција во ова Собрание за македонските државни позиции е доволно индикативна во таа насока, рече претседателот Пендаровски.
Тој порача дека граѓаните можат да бидат спокојни, и нагласи дека и ако блокадата потрае, не ни се заканува никаква безбедносна дестабилизација независно од бројот на нон-пејпери кои некои упорно ги лиферуваат.
Крајно време е да се запрашаме што правиме наспроти културата на заборавот и негрижата која доминира, затоа што за Европа не се битни само судските и бирократски реформи, туку и нашиот културен влог. Во Европската Унија членуваат земји со уникатен социо-културен развој, таму не се оди како ничија земја, како дрво без корен, истакна претседателот Пендаровски.